За време на полицискиот час уапсени се десет лица кои МВР ќе ги гони за непочитување на рестрикцијата на движење воведена од Владата, дознава „А1он“. Опоменати бидејќи се движеле низ улиците без соодветна дозвола за време на полицискиот час се над 70 лица, кои веднаш по укажувањето постапиле по насоките на полицијата и Армијата.
Пријави ќе бидат поднесени против пет лица од Тетово и две од Гостивар кои освен што не постапиле како што им било наредено од полицајците, тие и агресивно се однесувале со нив.
Во Куманово кај тројца граѓани кои биле затекнати низ улиците е пронајдено и оружје.
Од МВР велат дека со официјални бројки ќе излезат во текот на денот.
Вчера на терен беа техничкиот премиер Оливер Спасовски во придружба на техничката-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска и директорот на БЈБ, Сашо Тасевски.
Тие го посетија контролниот пункт на МВР во Чаир од каде побараа да се почитуваат мерките на Владата. Петровска пак, од Арачиново порача дека доколку се почитуваат мерките и забраните, граѓаните побрзо ќе се вратат на нормалниот живот.
Техничкиот министер Наќе Чулев посети повеќе пунктови низ град Скопје од каде порача дека со силна меѓусебна поддршка можеме заеднички да придонесеме во борбата против вирусот, кој е заканата за нашето здравје и нашите животи, и апелира до граѓаните да останат во своите домови, за себе за своето здравје и за својот живот.
Полициски час ќе има секој ден од 21 часот навечер до 6 часот наутро.