Првиот шеф на македонската дипломатија, професорот Денко Малески е во игра за кандидат за консензуален претседател. Оваа информација никој ниту ја демантира ниту потврдува, иако самиот Малески, неодамна во интервју за ТВ Клан изјави:
„Тоа е товар околу кој вреди човек сериозно да размисли и веројатно да постави некакви услови за таков ангажман“.
Идејата за консензуален претседател ја актуелизираше лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Од СДСМ се уште нема официјален коментар. Според информации на А1он, размислувањата се движат во дев насоки, индивидуален настап со оглед на состојбата кај опонентот ВМРО-ДПМНЕ. За оваа функција се вртеа неколку имиња: актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој важеше за чисто сигурно партиско решение и кој до настанот со бегството на Никола Груевски имаше висок рејтинг во партијата. Иако важеше како сигурен кандидат, сега ретко се споменува Стево Пендаровски, иако според наши извори тој имал и разговор со Зоран Заев за ова прашање. Во политичките и партиски крругови се вртеа и имињата на Радмила Шеќеринска и Никола Димитров. Иако во демкратски држави кандидатот за претседател се промовира однапред повеќе од една година, кај нас игрите и договарањата траат до последен момент.
Математиките не одат во прилог на албанскиот политички корпус, иако имаше случај кога за Имер Селмани гласаа и Македонци и доби околу 150.000 гласови. Ахмети идејата за консензуален претседател ја отвори на претседателските избори во 2014 година кога Ѓорге Иванов го доби вториот мандат. Договорите со тогашниот коалициски партнер не вродија со плод и од тогаш не го признаваа официјално Иванов за нивни претседател.
Денко Малески е прв министер за надворешни работи на Македонија и редовен професор на Правниот факултет во Скопје. Од 1993 до 1997 година беше постојан претставник на нашата земја во Обединетите Нации.
Во 2011 година, Малески предупредуваше дека без влез во ЕУ и во НАТО, судбината на Македонија е неизвесна и затоа мора надворешната политика да се врати кон овие стратешки приоритети и да се реши спорот за името. Што се однесува до актуелните збиднувања, Малески вели дека ако Договорот од Преспа не успее следниот ќе биде многу полош за Македонија.