Ќе биде ли денеска распишан редерендум за името ќе се знае по редовната понеделничка средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи. Јавноста ја очекува и одлуката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање, чиј координатор не учествува на овие средби.
Нема официјални информации дали има некаков договор меѓу власта и опозицијата, особено за референдумското прашање, а според неофицијалните информации се е оставено на договор на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Во недостаток на официјални информации, се очекува пратениците од владејачкото мнозинство со своите потписи да иницираат донесување одлука за распишување референдум за името, онака како што е предвидено со Законот за референдум. Која од опозициските партии ќе ја поддржи оваа одлука останува да се види, но имајќи ги предвид досегашните изјави, потписи за референдум ќе има од албанските партии Беса на Билал Касами и Алијансата на Албанците.
Премиерот Заев и други владини функционери изминатите денови најавија дека референдумот би можело да се одржи на 30 септември, но и дека без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи или не, тој ќе биде распишан и ќе се одржи.
Повикувајќи се на владини извори, вчера дел од медиумите објавија дека во одлуката ќе биде содржано референдумското прашање онака како што неодамна го објави премиерот Заев: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?.
Работниот понеделник во Собранието ќе започне со свечените изјави на членовите на Државната изборна комисија (ДИК), со што и официјално се создаваат услови тие да ги преземат своите функции и да почне организацијата на референдумот.