Ако ставовите на комесарот Филе се точно пренесени во интервјуто за Ројтерс, тешко е да се види врз што се засновани неговите заклучоци, изјави портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас.
-Најверојатно ќе биде добра идеја за него да ги преиспита и преразгледа сите факти со кои располага, се вели во пишаната изјава на Делавекурас, што ја пренесува дописникот на МИА од Атина.
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во интервју за агенцијата Ројтерс изјави дека Македонија следната година може да ги почне преговорите за присоединување кон Европската унија и без да биде решен долгогодишниот спор за името со соседна Грција.
-Од Скопје и Атина доаѓаат позитивни сигнали кои покажуваат дека решавањето на спорот за името може да следи по почнувањето на пристапните преговори, а не да биде предуслов за нивно почнување, рече Филе.
Според еврокомесарот, бесконечното држење на Македонија во чекалната на ЕУ создава ризик од појавување на меѓуетнички тензии.
-Цврсто веруваме дека во раната фаза на преговорите може да се создаде неопходниот импулс не само за разговори за проблемот за името, туку и за негово конечно решавање, рече Филе.
Европската комисија, додаде, сосема јасно кажува дека доколку решавањето на проблемот за името не се случи во раната фаза од преговорите може да доведе до забавување на преговорите за членство во Унијата и во краен случај и до прекинување на процесот на преговори.