Децата бегалци – лесна „жетва“ за европските банди

Од:

Само лани, според статистиките, 96.500 вакви малолетници стaсале во Западна Европа, од кои една третина станале бело робје

Љубомир Костовски

Европол деновиве објави дека најмалку 10 илјади деца од оние што пристигнале во Западна Европа се грабнати од бандите што се занимаваат со трговија со бело робје. УНИЦЕФ оваа бројка ја зголеми на 27.000. Само во Италија, 5.000 деца се жртви на овие банди, додека во Шведска се трага по 1.000 деца.

Европол смета дека одбивањето на Велика Британија да прифати 3.000 деца без родители или возрасни лица кои би биле нивни времени старатели, во голема мера ја олеснува „жетвата“ на криминалците, но премиерот Камерон стравува дека ако прифати 3.000 ќе дојдат и други… Од оваа организација оценуваат дека најлесен плен за криминалците се, се разбира, децата кои доаѓаат без каква било придружба од возрасни, а такви има многу.

Добри години за криминалните банди

Овие деца вредат милиони и милиони евра, а Европол смета дека криминалните банди сега немаат потреба самите да организираат ризичен транспорт на деца, туку само седат во заседа и ги чекаат овие малолетници да дојдат во собирните центри. Статистиката говори дека на милион бегалци, 27 отсто се малолетни лица. Според податоците за 2015 година, само во Шведска има 37.000 вакви деца! Во Словенија, на пример, повеќе од 80 отсто од децата без придружба исчезнале од прифатните центри, додека во Шведска, до 10 деца се пријавуваат како исчезнати секоја недела. Во истата година, 4.700 деца без придружба биле евидентирани како исчезнати во Германија.

Некои од нив се отуѓени и си прават вистински мали банди кои оперираат околу железничките и автобуски станици на Скандинавија. Ова пред сè важи за децата дојдени од Мароко.

Последниот извештај на УНИЦЕФ, кој се појави во средината на мај 2016 година, кога се довршуваше овој текст, говори дека 96.500 деца без придружба поднеле барање за азил во Европа во последните години. Мнозинството се машки тинејџери од Авганистан. Сиријците се втората група по големина, а оние од Ирак се на трето место. Во некои земји, децата без придружба се повеќе од половина од сите деца кои пристигнале во 2015 година. Во Шведска, непридружените адолесценти изнесуваат 50 отсто од сите деца-бегалци, додека во Италија пристигнале 12.300 деца без придружба, а дополнителни 4.000 биле отпосле споени со своите семејства

Според Џастин Форсајт од организацијата „Save the children“, само во последнава година, во Западна Европа се грабнати 26 илјади малолетници. Треба ли да се потсетиме дека балканската рута, која минува низ Македонија е еден од главните влезови на овие деца. Оттаму, не треба да чуди ниту официјалната бројка на МВР дека само после јуни 2015 година се забележани 18.000 вакви деца кај нас.

Молк на институциите

Имаме ли молк на институциите кај нас, делумно и на невладините организации, како и на сите оние кои се вклучени во грижата за бегалците, за оваа алармантна состојба? Имаме ли право да се удираме в гради дека сме се спасиле од бегалската криза, но на сметка на квалитетот на заштитата на бегалците?

Мора да се забележи дека многу од оние на кои им се обративме, а кои имаат контакт со оваа проблематика, не беа многу расположени да дадат податоци или ставови во врска со оваа тема. Освен МВР, Црвениот крст, Хелсиншкиот комитет, Отворена порта, за сите други институции и невладини организации што се занимаваат со бегалците може да се рече дека бегаат од дискусија на оваа очигледно непријатна тема.

„Овие деца се најлесна мета. Децата пријавуваат дека се силувани, претепувани на патот кон Европа. А тоа се видливи деца кои минале низ камповите – вели генералниот директор на „Save the children“, Каролин Мајлс.

„Децата без придружба се лизгаат низ раце. Многу од нив едноставно бегаат од прифатните центри за да им се приклучат на пошироките семејства, додека чекаат поради тоа што немале целосно рочиште за утврдување на нивниот најдобар интерес, или пак, не добиле објаснување за нивните права“ – вели Мари Пјер Поаре, специјалниот координатор на УНИЦЕФ за бегалско-мигрантската криза во Европа.
Според податоците добиени од македонското МВР, а по следење на ситуацијата врз основа на измените и дополнувањето на Законот за азил од 18 јуни 2015 година, кога Министерството практично започна со издавање потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил во земјава на странските државјани, кои илегално влегуваат на нашата територија – во периодот од 19 јуни 2015 до 31 декември 2015 година, издадени се потврди на вкупно 388.233 странски државјани. Од нив 208.914 се од машки пол, 65.893 се од женски, 95.303 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, а уште 18.123 деца кои патуваат без родител, а на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање на право на азил.

Добро е што имаме европски статистики

Многумина од оние со кои разговаравме искажуваа сомневање во релевантоста на спомената бројка дека за шест месеци над 18 илјади деца ја минале нашата граница без да имаат придружник – возрасно лице. Но, споредбите со европските податоци целосно ја оправдуваат оваа статистика.
Елена Брмбевска од Хелсиншки комитет оценува дека проблемот со децата -бегалци без родители или возразни старатели, кај нас не се третира сериозно. Таа истакнува дека тоа е многу поголем проблем, отколку што за него постои интерес, но и претстава во јавноста.

„Имавме случај пред повеќе месеци кога двајца мажи се јавија како наводни родители на 12 малолетни деца, сите меѓу 4 и 11 години. Сите имаа исто презиме, а според документите издадени во Грција сите беа родени на 1 јануари! Нивното испитување, со помош на преведувачи покажа дека нивните искази (на возрасните) се менуваа од минута во минута. На крајот обајцата признаа дека својство на син има само едно од децата, а дека останатите се деца на нивни соседи кои им ги довериле своите деца „да ги однесат на сигурно“. Одговорите на децата не укажуваа на тоа дека се познаваат со „старателите“. Ситуацијата беше крајно сомнителна, но вообичаено заврши со тоа што и двајцата возрасни бегалци и 11-те деца беа качени на воз кој одеше на север“, раскажува Брмбеска.

Таа го дели впечатокот дека секоја земја гледа масата бегалци да ја турне понатаму, намалувајќи ги максимално проблематичните ситуации кои би довеле до тоа бегалците од која било причина да останат тука (болест, евентуална операција, малолетник без придружба кој треба да чека да се јават родителите или да бара спојување).

Според Брмбеска, многу често кога имало ситуации на сомнителни придружници, исчезнувале и преведувачите од кампот особено кога се работело за постари малолетници (но сепак малолетници) за кои секогаш се наоѓале „братучеди“, не многу постари од нив и зад чија возраст стоеле сомнителни документи. Најчесто ваквите испрашувања вродуваат со конфузни одговори и одново ако има сомнителна ситуација, таа завршува со влез на дојденците во возот за Табановце!

Атмосфера на небранување

За односот на власта и одговорните кон бегалците се пoсочува и ситуацијата со кампот во Табановце. По престанокот на приемот на бегалци во Србија, таму имало 1.500 лица, меѓу кои и лица од најразлични возрасти. Денес таму има само 500 лица! Никој не знае каде заминале другите и како?!
Прилично е раширена атмосферата на небранување. Кога од Хелсиншки укажале дека во кампот „Винојуг“ во Гевгелија има случаи на шуга, првата реакција била категорично негирање. По извесно време, присуството на оваа заразна болест, сепак, е констатирано… Се тргнува од логиката: „немој сега да бранувате“!

Јасмина Д. Рајковска од „Ла Страда“, во телефонски разговор вели дека тие немаат сознанија за тоа колкав број на малолетни лица без придружба ја минале нашата земја. Таа вели дека овие деца се третирани онака како што е оценето дека за нив е најдобро. Според неа бројките на МВР се претерани и се должат на нивното неискуство, односно погрешната примена на критериуми. Не верува дека бројот на малолетници кои се жртви на трговија со луѓе е во опаѓање (тоа го има и ќе го има и натаму како појава) само што сега надлежните органи се преокупирани со бегалците, како и со актуелната политичка криза.

Во тој дух некако оди и она што како податок го добивме од Министерството за труд и социјала (МТСП), а кој укажува дека состојбите во ова надлежно Министерство се навистина очајни. Го превиделе ли она што им се случува пред очите со години или пак, не ги интересирало?! Можеби, се правеле и дека проблемот не го гледаат во целина?!

Статистичките податоци на МТСП во однос на децата бегалци – баратели на азил (малолетни лица без придружба), а кои се сместени во Прифатниот центар за баратели на азил во с.Визбегово се следните: 2008 год.- 1 малолетно лице без придружба; 2009 год.-1 1 малолетни лица без придружба; 2010 год.- 28 малолетни лица без придружба; 2011 год.- 33 малолетни лица без придружба; 2012 год.- 32 малолетни лица без придружба; 2013 год.- 107 малолетни лица без придружба; 2014 год.- 86 малолетни лица без придружба; 2015 год.- 91 малолетни лица без придружба; 1 јануари – 3 мај 2016 год.- 18 малолетни лица без придружба.

Секако, податоците се однесуваат само на оние малолетници кои се третирани во Прифатниот центар и не ја одразува општата слика која започнува во Богородица, а завршува на Табановце.
Македонските власти очигледно не сакаат многу да се занимаваат со оваа категорија транзитни патници.Тоа го покажува и бројката на згрижени лица која е еднаква на годините кога немавме бегалска криза.

„Состојбата со непридружувани малолетници во услови на бегалска криза може да се каже дека се менува во сооднос со актуелните одлуки на Европската Унија за интензитетот на затворање на границите. Во изминатите месеци, кога бројката на лица кои влегуваат во нашата држава достигнуваше и до 10.000 дневно, беа забележани поголем број непридружувани малолетни лица, кои патуваат во групи од по 4 до 15 членови. Повеќето од нив се од Авганистан и од Сирија“, вели Маја Варошлија од невладината Отворена Порта (Ла страда).

Обезбедени услови и поддршка

Според Варошлија, од август 2015, па сè до мај 2016 година, нејзината организација им обезбедила помош и поддршка на околу 3.000 непридружувани малолетници кои поминале низ нашата земја.
„Од самиот почеток на бегалската криза Отворена Порта работи на терен и обезбедува помош и поддршка на ранливи категории, како што се жени, деца, жртви на родово базирано насилство, жртви на трговија со луѓе, вклучувајки и непридружувани малолетници. Услугите кои им се обезбедуваат на овие категории вклучуваат почетна грижа и поддршка, психосоцијално советување, хуманитарна помош (храна, облека, хигиенски средства), соработка со надлежните центри за социјална работа за назначување старател, упатување кон медицинска услуга по потреба и друго. Дополнително се обезбедуваат соодветни информации за безбедно патување, контакти на давателите на услуги во земјите на дестинација, а се прават обиди и за соединување со семејствата.

Колку за споредба, министерот за труд на Србија, Ненад Иванишевиќ вели дека во изминатата година границата ја минале 230 лица без придружба на возрасни лица. Тој говореше деновиве на собирот под наслов „Поддршката на малолетните лица без придружба“. Ова е секако искривена слика – тоа се само оние малолетници кои тие ги задржале во прифатните центри, а не оние кои се „турнати понатаму“.
Во Србија случаите се решавани со поддршка на невладиниот сектор и специјалните организации на ОН. Секое од децата добило старател одреден од Министерството, а надлежните лица на границата имале јасни упатства што да сторат доколку се појави такво дете на влезот во земјата. На три места постоеле пунктови – во Ниш, Белград и во Суботица. Вкупниот капацитет на тие центри е наменет за 50 деца. Србија за оваа намена добила 4,3 милиони швајцарски франци од Швајцарија, од што само за малолетните деца добила помош од 600 илјади франци.

Од Отворена Порта објаснуваат дека преку теренските тимови присутни во камповите во Табановце и Гевгелија се обидуваат да идентификуваат лица под ризик за трговија со луѓе. Фактот дека овие лица се бегалци ги става во многу ранлива позиција да станат жртви на трговија со луѓе, криумчарење и експлотација.

„Идентификацијата е тешка во услови кога бегалците поминуваа само по неколку часа низ нашата држава. Во изминатиот период забележани се вкупно 150 лица како потенцијални жртви на трговија. Со овие лица се работеше на обезбедување информации за превенција од трговија со луѓе, односно како да се заштитат да не станат жртви на трговија во текот на нивното патување. Истовремено им се даваат информации каде да се обратат за помош и да пријават злоупотреба и експлоатација“, истакнува Маја Варошлија.

Таа вели дека нивната организација соработува со останатите институции за сузбивање на овој феномен и обезбедува помош на жртвите од трговија преку програми и сервиси кои вклучуваат безбедно сместување, психосоцијална поддршка, правна помош, медицинска помош, вклучување во образование.

Три фази на бегалските бранови

Црвениот крст на Македонија е најангажиран на теренот во контактите со бегалците, а во тие рамки и со групите кои се означуваат како малолетници без родител/старател и кои, во еден дел завршија како бело робје во западните земји. Во оваа организација има капацитет, ама и многу доброволци од разни профили. Сметаат дека се на висина на задачата, а на состојбите гледаат како на наплив на бегалци во три фази.

„Првата фаза траеше до 19 јуни минатата година, кога се промени законскиот основ на бегалците и кога тие добија статус на азиланти. Најпрвин бегалците ги сретнувавме како одат пеш по патиштата, на самите пруги и др. Интервениравме кај 80.000 бегалци. На пругите имавме и 29 загинати бегалци“, потсетува Сузана Пауновска, секретар на Градската организација на Црвениот крст на Скопје. Таа нагласува дека за земјата сите тие лица беа илегалци и како такви беа и третирани.
Во втората фаза која следеше после 19 јуни, во Црвениот крст евидентирани се 430 илјади лица сè до официјалното затворање на балканската рута на 19 февруари годинава. Во оваа фаза бегалците се задржувале во земјата не подолго од 6 до 10 часови, при што 4 часа поминувале во воз. Покриени биле барем 60 отсто од луѓето кои транзитирале и тоа со 210 волонтери кои работеле во три смени.
Третата фаза се одвива од февруари, па сè до денес (мај 2016) и таа ќе трае и натаму. За разлика од општото мислење на граѓаните дека нема веќе минување на бегалци низ Македонија, дневно се бележат по околу 150 – 200 лица кои поминуваат низ земјава!

Надлежните служби во Македонија кога ќе ги фатат овие илегалци ги враќаат назад во Грција. Само што сега цел на бегалците не е кракот Хрватска – Австрија – Германија, туку се оди одново кон границите на Унгарија, бидејќи бегалците кои се во моментот во Грција знаат дека оваа земја повремено ги отвора границите и прима 50 – 100 лица и тоа главно мајки со деца од завојуваните подрачја, а заради спојувања на семејства. Во оваа трета фаза, на сцена се враќаат криумчарите кои според сведочења на фатените бегалци им земаат во просек по 2.000 евра од лице за да ги однесат во Западна Европа.

Црвениот крст во сите тие три фази (15 месеци) има добиено 5 милиони швајцарски франци, а користи и средства добиени за јакнење на капацитетите на организацијата. „Проблемот со непридружуваните деца постои, иако во таа навалица на луѓе тешко е да се открие кој кому му е навистина родител, старател и кое дете е жртва на организирани банди или може да стане жртва. Имавме лица со документи, а многумина имаа и лажни документи за идентификација. Постоеше сериозна јазична бариера. Имавме преведувачи од арапски јазик, ама тоа е широк простор во кој постојат низа локални варијанти кои ја отежнуваа комуникацијата. Преведувачите не беа обучени за тоа што сега требаше да го работат. Посебен проблем беа бегалците од Авганистан, чиј јазик (фарси) целосно се разликува од арапскиот“, објаснува Пауновска.

Намерни повредувања

На прашањето за намерните повредувања на децата, кои на тој начин се подготвуваат да питачат во земјите на Западна Европа, Пауновска вели дека тие некогаш дневно имале и по 70 превезувања на потешки пациенти во болниците. Чести биле и породувањата. Ама никој не сакал, после првата интервенција, да се задржува во болница бидејќи или ги чекале роднините и пријателите кои морале да одат понатаму или пак, едноставно поважно им било да стасаат што е можно позападно од нашата граница, отколку да заздравеат или да бидат целосно излекувани. Правило било да се почитува желбата на пациентот. Тоа важело дури и за тазе родилките, а особено за малолетниците, бидејќи никој не сакал да остане во функција на старател, ако не им е родител.

Пауновска знае и за екстремни ситуации, како на пример за случајот кога едно дете-бегалец дошло до Белград со скршена вилица и на лекарите им рекло дека го удрил со автомобил таксист во Гевгелија (за овој случај говореа и од невладините организации). Детето на патот до Белград имало страшни болки, ама во последните 48 часа добило само еден аспирин! Во белградската болница каде што било сместено доаѓале различни лица и се претставувале дека му се браќа, братучеди и слично. Барале да го земат, иако проценка на лекарите била дека малиот пациент мора да се лекува. Згора на сè, тие се сомневале во фактот дека оние кои доаѓаат по него се навистина негови роднини.

Состојби и прашања

Не само ова дете, туку и неколку други деца допатувале во Белград со скршеници на рацете и нозете. Лекарите претпоставуваат дека тие биле намерно повредувани за да можат во иднина да послужат како питачи во западноевропските градови. Според времето кога настанале повредите можело да се заклучи дека насилството им се случило додека биле на територијата на Македонија!
Прашање е како може одговорните да го знаат овој случај со повредената вилица на пет-шест годишното дете, а никој да не одговара? Ако навистина се работело за удар со автомобил (тоа е кривично дело на таксистот), зошто тогаш нема за тоа службена полициска белешка, а потоа и покрената постапка? Од кои причини нема ниту еден регистриран случај на повредени деца од овој тип?

„Телеграф“ пишуваше за две деца од Сирија, за кои постоел сомнеж дека се жртви на трговија со луѓе, а биле чувани во земјава. Како што наведуваат за овој портал активисти кои од почетокот на бегалската криза се меѓу бегалците, ова укажува дека и Македонија не е имуна на обидите да се искористат маките на бегалците.

Постојат сомневања дека со бегалскиот бран се случува и трговија со деца. „Имаше случаи кога еден маж патуваше со десетина деца на приближно иста возраст, а кажуваше дека сите се негови. Имаше ситуации и на деца со документи дека имаат 21 година (најверојатно изработени во Турција), а ги гледавме дека се голобради момчиња. Бегалците сами кажуваа дека меѓу трговците со органи имало и жена, веројатно од Турција. Има обиди да се поминат и деца со сомнителна придружба. На децата им е втеран стравот в коски и сами се плашат да кажат со кого патуваат“, вели Ленче Здравкин, хуманитарката од Велес која им помага на бегалците уште од самиот почеток на бегалската криза.

Според податоците од УНХЦР, во моментов во Македонија има 68 деца помлади од 18 години, кои се непридружувани од родител или роднина или, пак, се разделени од семејството. Од нив, 26 се водат како непридружувани деца (23 се од Авганистан, три се од Сирија), а 42 се разделени деца (31 од Авганистан, 8 од Сирија, 3 од Ирак). Шест од нив се девојчиња. Исто така, има и две деца под ризик – едното е дете-родител, другото е бремена тинејџерка. Овие деца се во Македонија повеќе од еден месец.

Сето ова како да ја разбуди совеста на Советот за Европа, УНИЦЕФ и организацијата „Save the children“. Домашната криза кај нас не може да биде алиби за недоволно заинтересираниот однос кон овој проблем, кој вака како што е поставен само придонесува мафијата лесно да доаѓа до профит бидејки децата сами им влетуваат во мрежата.

*****
Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Би можело да ве интересира

Русија: Евакуиравме над 30.000 луѓе од пограничните области со Украина

Месечната социјална помош на едно сириско семејство од 6.000 евра предизвикаа големи полемики во Австрија

Предраг Петровиќ

УНХЦР: 186.000 мигранти и бегалци пристигнаа во земјите од јужна Европа

Ердоган и Киличдароглу не сакаат Турција да е „магацин“ за сириските бегалци

Горан Наумовски

УНХЦР: Во 2022 година 100 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови

Стотици сириски бегалци кои живееја во Либан се вратија во нивните домови

А1он