Два дена пред крајниот рок до кој екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски треба според упатниот акт да се јави на издржување на затворска казна во Шутка, тој ќе треба да се соочи и со колегите пратеници.
Во вторник, на 6 ноември е закажана седницата за разгледување на предлогот за одземање мандат на Груевски. Ова е објавено на веб страницата на Законодавниот дом.
Седницата е закажана откако Основниот суд Скопје 1 го извести Собранието дека Груевски е осуден на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања чиј претседател е Павле Богоевски, треба да одлучи дали Груевски е достоен да ја извршува функцијата пратеник и ќе даде препорака.
За одземање на мандатот потребно е двотретинско мнозинство, кое е тешко достижно со оглед што 8-те пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата соопштија дека нема да поддржат таква одлука и нема да гласаат за одземање на мандатот на нивниот поранешен лидер..
Во меѓувреме, Основниот суд Скопје 1, го отфрли барањето на Никола Груевски за одложување на затворската казна.
„Судија за извршување санкции, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот означен како „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата“, пишува во известувањето од Основниот суд Скопје 1.
На ваквата одлука, додаваат од скопска единица, дека странките во постапката имаат право на жалба во рок од 3 дена упатена до Кривичниот совет на судот. Тој, исто така има три дена да одлучува по жалбеното барање.
Неодамна екс премиерот изјави дека заедно со својата одбрана ќе ги искористат сите правни лекови за преиспитување на пресудата. Вакво барање е испратено и до Врховниот суд.
Екс премиерот Никола Груевски е осуден на две години затвор за набавката на блиндираниот мерцедес, а во постапката на затворски казни се осудени и помошник министерот во МВР, Ѓоко Поповски како и екс министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска.