Македонија не изгубила време и е напредна во процесот за пристапување во Европската Унија. Ова е ставот на вицепремиерот Бојан Маричиќ кој пак додава: „ Далеку сме од тоа да ја завршиме работата“. Не сакаше да лицитира со години кога Македонија ќе биде примена во унијата. Вели дека е оптимист тоа да биде во 2027 година.
„Ако ги гледате извештаите на ЕК, ќе видиме дека државата анализирано по кластери стои добро со државите кои разговараат 10 години. Значи не сме изгубиле време. Далеку сме од тоа да ја завршиме работата. Но, сме со цел да ја исполниме во реален рок. Најоптимистички, рамката за претпристапна помош завршува во 2027 година, а ние треба да се бориме таа да важи за што помалку држави, а пристапните фондови за повеќе држави. Не е добро да се лицитира со години, но нам ни е целта првото наредно проширување, кога и да се случи, С. Македонија да биде дел од тоа проширување. Тоа е достижно ако работиме во имплементација на стандардите на ЕУ“, кажа Маричиќ.
Прашан кога ќе бидат достапни пристапните фондови, кои важат за државите кои преговараат за Европската Унија, Маричиќ не одговори. Тој наместо одговор на ова прашање кажа: „До фондовите кои важат за државите членки, ќе имаме пристап кога ќе станеме држава членка“.