Од разговорите кои денеска се пуштаат на рочиштето за изборни измами по предметот познат како „Титаник“, ексминистерот Миле Јанакиески на денот на изборите, 24 март 2013 на активист на ВМРО-ДПМНЕ му вели да направат сообраќајка кај Пресека за да се блокира сообраќајот откако од претходен разговор дознава дека на аеродромот во Охрид треба да слетаат два авиони со Албанци од Швајцарија.
По ова сознание ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска првично му предложува на Јанакиески да се јави на аеродромот намерно да ги задржат барем до 17 часот за да не стигнат да излезат на гласање.
Но, потоа следуваат уште неколку предлози од Јанакиески и Јанкулоска меѓу кои е и предлогот некој од членовите да преврти трактор на патот или пак да се истури песок од камион за тотално блокирање на патот бидејќи, како што велат, Албанците од аеродромот оделе со автомобили, а не со автобуси.
Во „Титаник“ обвинети се 21 лице, меѓу кои, поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.