ЦУК: Состојбата со реките во земјата е стабилна, нема излевања

Од:

Засега состојбата со водотеците е стабилна и не се регистрирани посебни зголемувања и излевања, информира Центарот за управување со кризи, во прегледот на состојбата со врнежите што ја зафатија држава. Според информациите добиени од регионалните центри за управување со кризи до 12 часот, по обилните врнежи од дожд што го зафатија Град Скопје и околината досега нема добиени известувања за појавени излевања и проблеми од врнежите.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека нивни екипи со цистерни и вакуум цистерни работеле на исцрпување на вода на критичните места во градот, каде во вакви ситуации најчесто се собира поголемо количество вода. Моментно состојбата е нормализирана.

На телефонот 195, како што се наведува, добиено е известување за паднато дрво, кое е проследено до одговорните во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје за нивна понатамошна надлежност и постапка.
ЕВН Скопје известуваат дека сите појавени дефекти се отстрануваат релативно брзо и не се регистрирани поголеми и подолготрајни испади и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Во моментов има испад кон Граничниот премин Блаце со околината (Општина Чучер Сандево) и селата во Општина Зелениково.

Од обилните врнежи од дожд на територија на Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и Демир Хисар нема предизвикано штети. Нивоата на реките се покачени, но без опасност од излевање. Без напојување со електрична енергија се селата Ореово и Грумази, Општина Битола, каде моментно интервенираат екипи на ЕВН, како и во Мариово. Во општина Прилеп, без напојување со електрична енергија се корисниците од селата Канатларци, Ерековци, Клепач и Марул, додека во село Подмол нема и вода бидејќи напојувањето е со електрична пумпа. Исто така без електрична енергија се и викенд куќичките во населба Поводеници и предавателот на А1, а во Општина Долнени има прекин на електричната енергија во нисконапонскиот дел.

Во струмичкиот регион од врнежите од дожд и невремето, има последици во Општина Босилово. Паднато е дрво на локалниот пат кон село Сарај, спој на жици за напојување со електрична енергија на куќа во село Секирник и штета на некои полиетиленски платна на земјоделски култури.

На територијата на Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Македонски Брод, од врнежите од дожд нивото на речните корита е зголемено, но засега нема опасност од нивно излевање. Поради врнежите има одредени ситни одрони на регионалните патишта, но екипите на ЈП „Македонија пат“ редовно ги отстрануваат и нема никаков застој на патиштата.
Од досегашните врнежи во регионот на Велес, Свети Николе, Кавадарци и Неготино, не се настанати никакви штети. Во текот на вчерашниот ден имало прекини во снабдувањето со електрична енергија на одредени места, а поголеми штети како оштетени земјоделски површини и материјални штети нема.

Во општина Делчево, невремето предизвикало најмногу штета во атарот на село Тработивиште, каде има паднати дрвја кои блокирале дел од регионалниот пат Делчево – Пехчево, но по интервенција на „Македонија пат“ РЕ Делчево патот е прооден. Паднати дрвја се забележани и во близина на паркот Езерце во Делчево, а од претходно ветерот оштетил голем број покриви на индивидуални куќи и искина дел од кабелската мрежа во градот. Со брза интервенција на ЈПКД „Брегалница“ – Делчево градот е исчистен.

Нaдлежните, како што се наведува, дополнително ќе ги утврдуваат штетите од силниот ветер кој беше во времетраење од еден час.

Во општина Виница, од невремето проследено со ветар и дожд не се регистрирани поголеми штети. Во текот на денот без напојување без електрична енегија биле корисниците од селата Грљани и Калиманци.
Во останатите општини кои се под РЦУК Штип (Штип, Кочани, Берово и Пробиштип) не се регистрирани позначајни настани.

Во кумановскиот регион (Куманово, Крива Паланка и Кратово) има врнежи од дожд кои придонеле да има мало зголемување на нивото на водотеците, но засега нема опасности од излевања. ЕВН Куманово известува дека регистрираат дефекти на електромрежата за корисниците од селата Матејче, Виштица, Никуштак, Гошинце и Лукаре, Општина Липково.
Во северозападниот регион што го покрива РЦУК Тетово (Тетово и Гостивар), нема пријава за поплавени објекти или излевање на реки и речни потоци, додека нивото на водотеците е подигнато, но засега нема опасност од излевање.
Во текот на вчерашниот ден во Тетово се бележи поголем дефект на водоводната мрежа, за што од страна на ЈП „Водовод и канализација“ – Тетово се преземени мерки и дефектот е отстранет во ноќните часови.

Исто така и во Гостивар пријавени се помали дефекти во снабдувањето со електрична енергија во мавровскиот регион. Врнежите од дожд засега се со слаб интензитет.

УХМР за денеска најавува претежно облачно време со чести врнежи од дожд. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на денот, како и во текот на ноќта повторно се очекува да наврне поголема количина на воден талог, на места над 35 литри на метар квадратен.

Во наредните денови ќе продолжи периодот на променливо облачно, нестабилно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер, електрични празнења и изолирана појава на град.

Би можело да ве интересира

Спасен давеник од Дојранско езеро

Спасен повреден мотоциклист кој паднал во провалија на Шар Планина

Пет пожари на отворено низ државава изминатото деноноќие

ЦУК: Изгаснати 27 пожари, четири се уште активни

ЦУК: Активни пет пожари, еден под контрола

ЦУК: Два активни пожари, шест изгаснати и еден под контрола