Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово соопшти дека во последното деноноќие имало 24 пожари на отворено, како и дека 13 од нив се сè уште активни, а се гасат и од земја и од воздух со сите летала што се во моментот на располагање и домашни и од другите земји.
Оттаму посочија дека активен е пожарот во неготинското село Калањево каде што гориниско стеблеста шума и грмушки.
Претседателката Гордана Силјановска – Давкова, како што информираат од ЦУК, денеска во 12 часот ќе ги посети припадниците на Армијата кои учествуваат во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта кај неготинското село Калањево.
Исто така, активен пожар има и во општина Гевгелија, поточно помеѓу селата Негорци и Кованец, каде гори мешана шума, кај селото Штурово во општина Радовиш гори ниско стеблесна шума, во општина Чашка, поточно кај селата Јаболчишта и Дреново врв Лисец гори високостеблеста вегетација, а во општина Росоман кај селата Сирково и Подлест гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.
-Во општина Студеничани на место Бегово Поле гори ниска вегетација и шума, во општина Зелениково кај селото Вражале гори ниска вегетација и шума, во општина Штип помеѓу селата Драгоево и Селце на местото Хаџи Реџепи гори ниска вегетација и грмушки, во општина Чашка кај село Габровник префрлен е пожар од село Слепче, каде гори мешана шума и ниска вегетација, а во општина Долнени, поточно кај селата Слепче и Гостиражни гори ниска вегетација и дабова шума, соопшти утрово ЦУК.
Активни се пожарите и во општина Ново Село над село Бадилен, каде гори дабова шума и борова шума, во општина Конче кај село Горни и Долни Липовиќ гори нискостеблеста шума, а во Општина Делчево се уште гори градска депонија.
Од ЦУК информираат дека се изгаснати 11 пожари на отворено, во општините Битола, Крушево, Аеродром, Арачиново, Зелениково, Кавадарци, Росоман, Штип, Пробиштип, Тетово и во Гостивар.