Црвенковски бара СДСМ да се огради од ставовите на Заев: Го замрзнувам моето членство до седница на Централниот одбор

Од:

Поранешниот Претседател на Република Македонија и основачот и долгогодишен Претседател на СДСМ, Бранкo Црвенковски преку соопштение јавно се обрати до раководството и членовите на СДСМ.

Соопштението го пренесуваме интегрално:

Во изминативе 7 години се решив да не бидам на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија.

За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на било кој начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. Сакав партијата да биде ослободена од било какво бреме од претходните владеења на СДСМ со државата.

Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавност за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати.
Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв.

Се обраќам до вас почитувани сопартијци за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.

Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.

Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.
Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.

Почитувани сопартијци,

До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Би можело да ве интересира

Ковачевски за идејата на Црвенковски: Во негово време беше неостварливо да бидеме членка на НАТО и да преговараме со ЕУ

A1on

Иницијатива на Бранко Црвенковски: Пристап до фондовите на ЕУ и излез на заедничкиот пазар додека траат преговорите со Брисел

A1on

Црвенковски: Недозволиво е да немаме амбасадор во Вашинтон и да ни ги одбиваат предлозите

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Црвенковски: Апсурдна е тезата „за идентитетот не преговараме, а за историја ќе се договараме“

Ана Ололовска

Црвенковски: Ако нашата идеја е „НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни“, ниту ќе се одбраниме ниту ќе се нахраниме

А1он

Црвенковски не ги коментира шпекулациите дека ќе формира партија

Жарко Настоски