Црвениот крст на Република Македонија од јануари до мај оваа година реализирале 2.277 лекарски прегледи врз мигрантите сместени во прифатниот центар за странци во Гази Баба, информираше денеска на прес-конференција генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити.
– Од јануари до мај оваа година од страна на Црвениот крст, во транзитниот центар реализирани се 2.277 лекарски прегледи од кои 1.227 врз мажи, 774 жени, девет новороденчиња и седум трудници. На месечно ниво се издаваат од 6 до 9 упати на секундарно и терцијално ниво, каде се врши и транспорт на лицата до јавните здравствени институции, истакна Саити.
Додаде дека за мигрантите сместени во прифатниот центар за истиот период, обезбедени се и 450 пакети со дополнителна храна и средства за хигиена.
– Во последните две недели во сороботка со Високиот комесаријат за бегалци, Црвениот крст на Македонија обезбеди и два мобилни тимови составени од возачи и две медицински лица кои секојдневно патролираат на патот Гевгелија-Демир Капија-Неготино-Велес-Скопје, рече Саити и додаде дека на дневна основа во просек има 230 интервенции или вкупно за седум дена 1.630.
На мигрантите, покрај медицинската помош, им се дистрибуира вода, храна, пелени и ќебиња. Саити најави дека Црвениот крст за наредниот период планира зголемување на мобилните тимови од два на четири и обезбедување пакети за 4.000 мигранти, помош од ќебиња и медицинска замозаштита, како и опрема за 200 бебиња.
Саити повика граѓаните или компаниите кои сакаат да помогнат да донираат вода за пиење, овошје и конзервирана храна.
Во однос на активностите на Црвениот крст за справување со топлотниот бран, инфорираат дека од денеска е во функција СОС линијата 32-21-902, а 80 волонтери се присутни на терен каде делат вода, мерат крвен притисок и дистрибуираат брошури со соодветна содржина за превенција од високи температури.
Од Црвениот крст соопштија дека имаат свои екипи за спасување на базените, Аква парковите во Скопје и Пробиштип и плажите во Охрид и Струга.