Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), при мониторингот на судските постапки за навреда и клевета кои се однесуваат на новинарите, утврдил дека поголемиот дел од постапките се одолговлекуваат, а пресудите бавно се изготвуваат.
„Во вториот квартал од 2015 година (април – јуни), ЦРМ следеше 28 судски предмети на 52 рочишта. Од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во ноември 2012 година, до сега, завршени се 54 случаи за навреда и клевета против новинари, но поголемиот дел од пресудите сè уште не се правосилни односно во тек е жалбена постапка пред Апелациониот суд. Дел од причината за развлекувањето на судските случаи најверојатно лежи во фактот дека овие случаи ги водат само тројца судии кои истовремено постапуваат и по други предмети. Едновремено, од неофицијални извори блиски на судот, ЦРМ, дознава дека бавноста во изготвувањето на пресудите веројатно се должи и на фактот дека во судот се вработуваат лица по партиска линија кои не се стручни и компетентни да ги извршуваат доделените работни задачи.
Во овој период на мониторинг, Апелациониот суд, во случајот Гордана Јанкуловска против Петре Шилегов, ја усвои жалбата на тужениот. Ја укина пресудата на првостепениот суд и предметот го врати на повторно одлучување, затоа што основниот суд сторил суштествени повреди на парничната постапка, односно обжалената пресуда е нејасна, неразбирлива и не содржи доволно образложени причини за клучните факти од кои првостепениот суд се раководел при носењето на одлуката. Исто така, Апелациониот суд оценил дека е погрешно и нецелосно е утврдена фактичката состојба, а со тоа е направена и погрешна примена на материјалното право“, велат од ЦРМ.
Според ЦРМ, Апелациониот суд, меѓу другото, правилно оценил дека основниот суд не утврдил дали во конкретниот случај може да стане збор за клевета и дали од доказите произлегува дека кај тужениот постоела зла намера за тендециозно да ја деградира личноста на тужителката, или целта на тужениот била како портпарол на политичка партија, во смисла на член 10 од ЕКЧП, само да го изрази своето мислење во насока на давање сериозна критика, заснована на факти добиени од Државната комисија за спречување корупција.
„Иако, Апелациониот суд правилно постапил при носењето на одлуката, сепак, се наметнува прашањето, зошто овој суд и покрај сите расположливи докази и увидувања на пропусти кај основниот суд, не донел одлука со која ќе ја укине пресудата или ќе ја преиначи.
Со одлуката предметот да се врати на повторно одлучување, Апелациониот суд всушност ја префрла одговорноста кај првостепениот суд и со тоа ја отвора дилемата дали на ваков начин сака да ги избегне можните притисоци врз него, затоа што, тужителката е поранешен министер за внатрешни работи и сегашен висок функционер во владејачката партија. Едновремено, останува отворено и прашањето, зошто Апелациониот суд не ја донесе одлуката порано и дали одлуката ќе беше иста доколку Гордана Јанкуловска и натаму беше министерка за внатрешни работи.
Забележливо е дека во овој период на мониторинг, Судот почесто почна да го применува принципот на досудување непарична отштета, според кој приоритет имаат механизмите на непарично обештетување доколку тоа во значителна мера ја реституира репутацијата на тужителот“, се вели во соопштението на ЦРМ.
Центарот за развој на медиуми, овој мониторинг го спроведува во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера.