Грција ќе се согласи на име кое нема да задира во грчката историја, изјави грчкиот заменик министер за надворешни работи Костас Цириас, за време на неговата посета на Австралија.
Според него, грчкото Министерстото за надворешни работи „во последно време презело некои иницијативи“, како што е меморандумот за разбирање кој Атина го испрати до Скопје.
– Јасно е дека македонската страна не мрда, рече Цириас на средба со претставници на грчката дијаспора во Австралија.
Тој потсети дека Македонија не доби датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ поради „одредени причини“ и оти во извештајот на Унијата детално се образложени целите кои мора да се исполнат за почеток на преговорите.
– Една од тие точки е решавање на прашањето за името со Грција. Така што, овој пат, барем сме во многу добра позиција во однос на решавање на сите овие прашања. Тоа е реалноста, изјави Цириас.
Тој доаде дека Грција „ги почитува правилата од меѓународните закони и оти на првата дискусија грчката страна рекла дека прашањето ќе се решава под покровителство на ОН“.
– Инсистираме на тоа да покажеме дека земја која презела демократски чекори и е членка на Европската унија, европските институции и НАТО може само да работи преку одредени правни правила и законски процедури и во тоа настојување, како што знаете во изминатите 20 години имаше некои дилеми и некогаш одевме со позитивна насока, а некогаш со негативна, изјави заменик министерот за надворешни работи на Грција Костас Цириас.