Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, по четири часа, наместо одговори за унапредувањето на Јасмина Чавкова, сопругата на ексдиректорот на БЈБ и осуден за „27 април“, Митко Чавков, на „Фејсбук“ напиша демант на текстот на „А1он“ во кој практично не е наведено што точно демантира.
Чулев, обвинувајќи ја редакцијата на „А1он“ за пласирање лажна вест, потврдува дека Чавкова е прераспределена на повисока работна позиција без оглас и за три скалила што е спротивно на прописите, по што објаснува дека тоа е направено врз основа на извештај на Одделот за внатрешна контрола по поднесена преставка од Чавкова.
„А1он“ го контактираше министерот Чулев во два наврати за да објасни дали унапредувањето е направено согласно Законот за внатрешни работи, по што тој најави: „…Ќе одговорам покасно или утре“. Наместо одговор до редакцијата, тој напиша демант на „Фејсбук“ оценувајќи го текстот како „уште една лага, односно лажна вест креирана од страна на структурите на СДСМ“.
За ова, освен одговорите кои сеуште не ги добивме, бараме извинување од министерот Чулев бидејќи ова не е првпат да постапи на овој начин. Вината за унапредување на Јасмина Чавкова, министерот Чулев ја гледа кај Оливер Спасовски и кај СДСМ.
Во продолжение го објавуваме одговорот кој го испрати Чулев:
„Уште една лага, односно лажна вест креирана од страна на структурите на СДСМ. Но, и случај кој уште еднаш го потврдува незаконското работење на Оливер Спасовски во изминатиот период. Можеби исправањето на неправдите од минатото на некого му пречи, но јас и понатаму ќе бидам на страна на вработените и ќе постапувам исклучиво во согласност со законите.
Ја информирам јавноста дека конкретното распоредување е направено врз основа на извештај од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди кој е изготвен врз основа на претставка поднесена од посочено лице, во кој се констатира дека истото подолг временски период е распоредено на работно место кое е во спротивност со законот.
Во извештајот е констатирано дека со цел избегнување на дополнителни трошоци на товар на МВР по основ на тужба, одделот смета дека од страна на Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси при БЈБ треба да изврши ревизија на распоредувањето и Јасмина Чавкова да биде распоредена согласно позитивните законски прописи на важност во МВР. Напоменувам, дека кога станува збор за постапување по однос на задолжителни мерки утврдени во извештајот Одделот за внатрешна контрола, Министерот има обврска да постапи и да ги отстрани констатираните неправилности, а во конкретниот случај станува збор за распоредување кое не е во согласност со степенот на образование“, пишува Чулев на „Фејсбук“.