Премиерот Никола Груевски денеска по повод Курбан Бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.
– Ми претставува особена чест, Вам лично, на членовите на Ријасетот, како и на сите верници од исламска вероисповед, од името на Владата на Република Македонија, како и од мое лично име, да Ви го честитам големиот верски празник – Курбан Бајрам. Во овие убави празнични денови, Ви посакувам мир и хармонија, заедништво и толеранција, споделување на материјалното и потчинување во духовното. Овој празник е познат по солидарноста и грижата никој да не биде заборавен, роднините, пријателите, сограѓаните, сиромашните, болните и осамените. Нека биде така и оваа година. Нека владее добрата мисла и добрите човекови дела, како за празникот, така и во текот на целата година. Ваквите вредности се богатство во нашето општество, нивното зачувување е наша обврска, како кон нашите предци, така и кон идните генерации, вели премиерот Груевски во честитката.
Додава дека ваквите празници и одбележување на посебноста на верите и културите во Македонија претставува најавтентичен израз на нашата единственост и универзалност како земја која ги обединува вредностите на современото глобално општество.
– Убеден сум дека ќе продолжиме на тој пат, да учиме еден за друг, да се почитуваме и помагаме еден со друг, да празнуваме заедно и заеднички да го градиме напредокот на Република Македонија, како земја на задоволни граѓани, како земја со просперитетна иднина, истакнува македонскиот премиер во честитката упатена по повод Курбан Бајрам.