Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче го праша премерот Христијан Мицкоски дали Владата има некаква временска одредница до кога ќе се обидува да направи промени и да издејствува поповолни услови за земјава во процесот за зачленување кон Европската унија. Филипче, на денешната седница за пратенички прашања го потсети Мицксои за сите изјави и ставовои што ги имале во изминатиов период по ова прашање.
„Тврдевте дека може да се смени нашата позиција во рамки на Преговарачката рамка. Практично ветувавте промена на Преговарачката рамка. Ќе бараме решение со новата влада во Бугарија, ова го рековте во јуни 2024 година. Во деветти месец 2024 рековте дека уставни измени со одложено дејство се едно од можните решенија. Во октомври рековте повторно дека Преговарачката рамка може да се смени“ му рече Филипче на Мицкоски. Потоа рековте лага е дека сме барале промени на Преговарачката рамка. Нашата позиција останува уставни измени со одложено дејство како гаранција дека ќе нема нови условувања. Ова беше објаснето во ноември лани,“ рече Филипче.
Филипче го обвини Мицкоски за непоследователност и политичко манипулирање со европската агенда.
„Најавивте писмено обраќање до целата Европска унија, ама се откажавте. Чекавте да се формира нова влада во Бугарија – се формира. Има Самит на НАТО во Хаг, таму е бугарскиот премиер. Отиде претседателката, значи – средба и таму нема да има,“ му рече Филипче на Мицкоски.
„Се добива впечаток дека сите овие барања треба да предизвикаат некаква сатисфакција кај граѓаните, дека нешто се прави, дека може да се направи. Можеби се разбуди надеж дека таа наша позиција во рамки на преговорите може да се подобри, но ништо од тоа не се случува,“ истакна Филипче.
Мицкоски му одговри дека Владата ќе стори сѐ да ја внесе Македонија во ЕУ со македонски идентитет и јазик, а не како „модерни“ Македонци, затоа што се виде дека суштината на Бугарија не е Бугари во Устав, туку да создаде нов „модерен“ македонски идентитет и јазик, нешто на што ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше кога се прифаќаше Францускиот предлог.
„Јас има прес конференција, некој погрешно ве брифира и ве носи во длабокото. Што се однесува до трите етнички заедници кои ги споменавте, јас немам проблем и 30 да ставиме во Уставот, но имам проблем да разговарам на тема во која некој нас континуирано не негира, континуирано не успорува и го ускратува правото да бидеме тоа што сме. Исто така имам право да се сомневам дека тоа не е последната или не знам која по ред отстапка која треба да ја направиме, а притоа да не ја завршиме трката, повторно по пат нешто ново да ни се случи. Таков е оној предлог за кој зборувавте, Францускиот предлог, кој можеби е единствениот во современа Европа во која членството на една држава во рамките на ЕУ зависи од комисијата која ја толкува историјата, бидејќи јасно стои во Протоколот потпишан од тогашниот министер за надворешни работи дека мора комисијата да ја заврши својата работа пред Македонија да стане членка на ЕУ. И да бевме во тој тим кога се преговараше тој договор, немаше тоа да го прифатиме. Ако е тоа условот, нема да прифатиме“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Во однос на тезите на Филипче и СДСМ за чист македонски јазик и идентитет, премиерот запраша зошто воопшто претходната влада преговарала, ако никој немал право да преговара за тоа.
„Повторувате чист македонски јазик и идентитет, а велите од друга страна никој нема право да преговара, тогаш зошто сте преговарале ако никој нема право? Зошто сте преговарале, за мнозинството граѓани, а не сте ги прашале и знаете дека сте немате услови да го испорачате тоа што сте го преговарале? Тогаш на лидерска средба во Клубот на пратеници ви реков дека ова нема да помине, ако е вака како што е и предложив и две измени за да помине, и бев одбиен“, истакна Мицкоски.
Воедно премиерот Мицкоски додаде дека нема ништо нелегитимно и ненормално да бараме Македонци да има во Министерски совет кој управува со комитет за етничките прашања каде не се само Ерменци, Роми и Турци, туку и Власи и Евреи, но ги нема Македонците потсетувајќи дека има 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кои што велат дека во барем 9 од нив Бугарија треба да дозволи ОМО Илинден Пирин да се регистрира и потоа на следен чекор да предложи свој член во тој Комитет и ако тие велат Бугари во Устав, ние можеме да побараме Македонците да бидат дел од тој Министерски совет кој го води тој Комитет за етничките заедници.
Во однос на Европски парламент, премиерот Мицкоски посочи дека минатите години не е донесен извештај затоа што воопшто не стануваше збор за македонски идентитет и јазик, туку за северно македонски јазик и идентитет, сосема различно од сега каде на три места има македонски идентитет и јазик и е дел од извештајот кој помина на АФЕТ.
„Тука бугарските претставници преку еден европратеник кој излезе во името на неколку групи вклучително ЕНП, Социјалистите каде се СДСМ, Либерали, Зелени, рече да се модифицира македонскиот идентитет и јазик со зборот модерен. Суштината не е Бугари во Устав, туку да се создаде нов, модерен македонски идентитет и јазик. И тоа е суштината на Францускиот предлог, иако предупредувавме. Имаме сега две недели, ќе продолжиме да работиме, сите заедно треба да се обединиме. Така што можам да ви кажам ќе сториме се што е во наша моќ да ги почнеме преговорите, но тоа нема да го направиме како „модерни“ Македонци“, нагласи премиерот Мицкоски.