Царовска: Ве повикувам вистински да го слушнеме гласот на секое дете

Од:

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска имаше воведно обраќање на вториот ден од Регионалната конференција „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан” што се одржува во Скопје.

„Она што сакам денеска да порачам од оваа говорница е дека најважно од сѐ е вистински да го слушнеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи овие гласови се темелите врз кои треба да ги креираме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде што ќе можат безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат“, рече Царовска.

Министерката рече дека насилството е болест на едно општество, која се пренесува од генерација на генерација. Последиците од ваквото заболување се големи и видливи и оставаат траен белег.

„Искоренувањето на насилството од општеството бара посветена, континуирана и координирана работа, бара решителност и искрена желба за подобро утре. Да ги научиме децата од мали кои се нивните права, да научиме како да бидеме подобри родители, да ги поттикнеме заедниците да бидат поддршка наместо препрека“, рече Царовска.

Министерката потенцираше дека занемарувањето е најлошата форма на насилство врз децата, а со занемарување се соочуваат сите деца кои живеат и растат во институциите. Затоа ја започнавме обемна реформа и деинституционализација.

„Денес со гордост можам да кажам дека нема веќе деца до три години во институција, а до крајот на годината сите деца до 18 години ќе бидат сместени во згрижувачки семејства или мали групни домови. Состојбата треба да се подобри и во градинките каде што децата ги имаат првите чекори во социјализацијата. Затоа, силно инвестираме во зголемување на капацитетите на градинките, но и во квалитетно предучилишно образование“, рече Царовска.

Министерката на крајот од обраќањето ги повика сите институции, но целото општество да воспостават систем којшто брзо ќе реагира и ќе го слушне гласот на секое дете.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Нема веќе предвремена исплата, пензиите како пред пандемијата

Катерина Ѓуровски

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор

МТСП: Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година

Ана Ололовска