Сите 25 деца од ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25 Мај“ од денеска ќе живеат во мали групни домови. Министерството за труд и социјална политика со целосната трансформација на оваа институција го продолжува процесот на деинституционализација во Македонија.
„Подготвена е нова програма за работа со овие деца, постоечкиот кадар помина низ практична обука, а се обезбедија и нови 18 вработувања. Целосно ги прилагодуваме условите согласно потребите на оние за кои треба да се грижиме, наместо да ги прилагодуваме луѓето на системот. Посветено работиме за обезбедување еднакви можности, хумани и достоинствени услови за раст и развој за децата сместени во институциите. Деинституционализацијата е трајно решение во оваа насока“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на отворањето на еден од домовите.
„За жал, секогаш ќе има ситуации кога не е можно, не е безбедно, или не е во најдобар интерес на детето да живее со своeто биолошко семејство. Грижата во згрижувачко семејство е најдобрата алтернатива на големата институција, но семејното опкружување, исто така, може да се добие во мал групeн дом каде децата го добиваат чувството на припадност, стабилност и поддршка што им е потребно. Да не заборавиме и на возрасните во институциите – тие исто така заслужуваат живот во заедницата. Сите агенции на Обедините нации во земјата се посветени на поддршка на деинституционализацијата за сите деца и возрасни кои живеат во институции да можат да го уживаат своето право на достоинствен живот”, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Министерството за труд и социјална политика продолжува со процесот на деинституционализација.
„Големите и нехумани институции за неколку години ќе бидат заменети со грижа во заедницата“ велат од министерството.