Унапредување на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, социјалната реформа, но и Гаранцијата за млади беа темите на кои министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, разговараше со жителите на Општина Илинден.
„Активирањето и промовирањето на вработувањето на младите на пазарот на трудот го подобрува преминот на младите од училиште на работа. За таа цел ја имаме Гаранцијата за млади за која до крајот на годината се предвидени 8,8 милиони евра, а чија цел е да ги задржи младите во Македонија. Истата оваа мерка со години наназад се применува и во земјите од ЕУ. Европската Унија вложува во унапредување на работничките права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани“, потенцираше минисистерката Царовска на средбата од врата со врато со жителите од Илинден.
Исто така, министерката детално ја објасни социјалната реформа со која се зголемува гарантираниот минимален приход, но и се воведуваат нови додатоци за намалување на детската сиромаштија.