Во кривичниот суд во Скопје, продолжи доказната постапка во предметот на специјалното јавно обвинителство, „ТНТ“.
На денешното судење присутните во судницата ја гледаат видеоснимката од надзорната собраниска комисија при Комисијата за транспорт, врски и екологија од октомври 2011 година.
На почетокот на седницата, пратеникот Јани Макрадули се јави процедурално и рече дека реагира на забраната која ја издал Жарко Денковски, генералниот секретар на Собранието, да се прави директен ТВ пренос од надзорната собраниска расправа за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.
Фијат Цаноски, како присутен на седницата, го праша обвинетиот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, дали е точно дека на средба со него му рекол дека се’ е легално.
На следната средба Трајковски му побарал на Цаноски да ги исклучи телефоните и му рекол дека за уривањето има наредба: „Ми рече да ги тргнам телефоните и дека има наредба од горе”.
Предметот „ТНТ“ е за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Васко Маглешов