Од Европската Комисија не навлегуваат во детали околу политичката ситуација во Бугарија по изборите што се одржаа во неделата, но се надеваат дека Скопје и Софија ќе постигнат компромис.
Портпаролката на Европската Комисија задолжена за проширувањето, Ана Писонеро, кусо коментира дека Брисел „ги охрабрува и Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заеднички прифатливо решение за тековните билатерални прашања“.
-Со нетрпение очекуваме да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро, додаде Писонеро.
На парламентарните избори во Бугарија победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 25,8 отсто од гласовите, пред партијата Има таков народ на Слави Трифунов со 17,5 проценти и блокот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до 14,8 отсто.
Северна Македонија е блокирана во Советот на ЕУ за усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ поради неразрешениот спор со Бугарија.
Дипломатите во Брисел, како и политичарите во Северна Македонија, сметаа дека не треба да се очекува напредок додека не поминат изборите во Софија.
Откако тие се одржаа надежта е дека двете страни ќе можат да седнат на маса со порационален пристап, ослободен од изборни калкулации, но од Софија пристигнуваат изјави дека изборите ништо не менуваат во ставот на Бугарија по ова прашање, како што изјави европратеникот Андреј Ковачев.
Минатата година Северна Македонија, но и целиот регион, се најдоа блокирани во Советот на ЕУ поради неможноста да се постигне компромис за вокабуларот во редовните декемвриски заклучоци на ЕУ за проширувањето, пред сѐ во однос на една реченица поврзана за „погрешното толкување на историјата“.
Оттогаш проширувањето е целосно отсутно од дневниот ред на министрите на ЕУ, но шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, во неколку наврати потврди дека на следниот состанок, овој месец треба да се врати регионот на масата на министрите, односно на 19 април кога ќе се одржи Советот за надворешни работи на ЕУ.
Освен тоа Северна Македонија во мај треба да го одржи и редовниот состанок за Стабилизација и асоцијација, кој требаше да се одржи во февруари, но беше одложен, во голем дел поради тоа што немаше напредок во разговорите со Софија.
Според нацрт агендата Советот за стабилизација и асоцијација е закажан за 12 мај, со него би требало да претседава премиерот Зоран Заев од македонска страна, иако за сега оваа информација не е потврдена официјално.
Државниот врв во Северна Македонија нагласи дека сѐ уште се надева дека првата Меѓувладина конференција би можела да се закаже пред крајот на португалското претседателство, односно пред први јули.