„Бошњаците како народ отсекогаш биле на страната на прогресивните сили на Република Македонија. Тоа го докажале уште во далечната 1991 година кога на 8 Септември недвосмислено ја подржаа независноста на нашата заедничка држава Република Македонија.
Во изминатиот период, Бошњаците заедно со Македонците и со припадниците на останатите народи кои живеат во Република Македонија, дадоа свој придонес во развојот на државните институции и демократијата во Република Македонија. Припадниците на бошњачкиот народ се познати по својата добрина, почитување на други вери и народи, имаат разбирање за проблемите и предизвиците со кои други се соочуваат и секогаш се подготвени да помогнат.
Денес, кога од независноста на Република Македонија поминаа 27 години, нашите граѓани и нашата заедничка држава се соочени со нов предизвик, а тоа е референдумот закажан на ден 30 септември 2018 година.
На овој референдум, граѓаните на Република Македонија ќе имаат историска шанса да се изјаснат и да одлучат за својата судбина и за судбината на нашата заедничка држава Република Македонија. Гласајќи ЗА, граѓаните на Република Македонија ќе го поддржат постигнатиот договор со Грција кој гарантира членство на нашата држава во НАТО и ЕУ и воедно на нашите сограѓани Македонци им го гарантира нивното национално име, јазикот, културата и идентитетот.
Бошњачки Демократски сојуз како партија која е единствен легитимен политички претставник на бошњачкиот народ во Република Македонија ги повикува своите членови, симпатизери и активисти, како и сите припадници на бошњачкиот народ кои живеат во Република Македонија да излезат на референдумот на 30 септември 2018 година и да гласаат за европска Македонија“, се вели во соопштението на Бошњачки Демократски сојуз.