Медиумите и граѓанските организации имаат голема улога во демократските процеси и во промовирање на демократските вредности. Потребна е политичка рамка, која ќе ги заштитува новинарите врз основа на европски закон. Ова би можело да биде гаранција за постоење на слобода на говорот. Слобода на говорот и слобода на медиумите е предизвик со кој се соочуваат дури и земјите членки на ЕУ, и ние сите мора да се фокусираме да работиме на ова поле, порачаа денеска говорниците за време на втората работна сесија на 23. Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, што се одржа во Собранието.
Европратеникот Гордан Босанац во своето обраќање денеска на сесијата напомена дека не може да постои демократија без слободни медиуми и без граѓанското општество.
-Важен елемент на демократијата не се само партиите и институционалната рамка. Нема демократија без слободни медиуми и граѓанско општество. Доколку некоја земја има проблеми со слободата на медиумите и граѓанското општество, тогаш таа не би требало да биде членка на Европската Унија. Проблемот е што дури и во ЕУ денес има предизвици во оваа област. Дел од нашите земји членки се соочуваат со ваквите предизвици, но ние секогаш мора да знаеме дека треба да се фокусираме на ова поле, рече Босанац.
Тој е на ставот дека за медиумите е најважна слободата на изразување. Според него, слобода на говорот многу често е нарушена во авторитарните режими.
-Говорот на омраза понекогаш се смета како слобода на говор, но тоа не е така. Не може да постои критика, доколку нема слобода на изразување. Северна Македонија може да биде горда на своите истражувачки новинари, кои навистина работат напорно. Ние нив ги гледаме како хероите на Северна Македонија, додаде Босанац.
Како што посочи, извештаите покажуваат дека медиумите во Северна Македонија се слободни, но често проблемот е со приватните медиуми. Ваков проблем постои и во Европската Унија.
-Треба да постојат независно финансирани медиуми, затоа што понекогаш приватниот интерес во медиумите преовладува над јавниот интерес. Во однос на граѓанско општество, јас сум соработувал со многу граѓански организации во Северна Македонија и можам да кажам дека е жива граѓанската сцена. Сепак, загрижен сум заради генералниот тренд во Северна Македонија кој што доаѓа од САД, а тоа е забраната на УСАИД, подвлече Босанац.
Пратеничката од Европскиот фронт Арбана Пашоли во однос на оваа тема, потенцираше дека и медиумите и граѓанските организации имаат голема улога во демократските процеси и промовирање на демократските вредности.
Таа напомена дека слободата на медиумите е процес кој што мора постојано да се подобрува, а новинарите мора да ги имаат сите слободи и права, својата работа да ја вршат одговорно, професионално и непристрасно. Пашоли е на ставот дека соработката со новинарите е многу важна, заради демократското унапредување.
-Закон за аудиовизуални медии е усвоен во јуни 2023 година, а во февруари 2024 година се воведени измени на истиот закон, со што се воведе транспарентност, демократски и недискриминаторски пристап во однос на спроведување на државните кампањи од едукативна и информативна природа. Во март 2024 година, беа усвоени измените на Законот за медиуми, со што се овозможува финансиска поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми. Се уште постојат предизвици во однос на медиумите кај нас, кои не им овозможуваат целосно слободно да работат, поради политичко влијание, финансиски ограничувања и довербата на јавноста, додаде Пашоли.
Европратеникот Константинос Арванис во обраќањето рече дека треба да се обезбеди нормално функционирање на јавните медиуми. Тој е на ставот дека е потребна политичка рамка, која ќе ги заштитува новинарите врз основа на европски закон, и само тоа би можело да биде гаранција за слобода на говорот.
-Ние треба да обезбедиме нормално функционирање на јавните медиуми, кои се транспарентни и финансирани од јавни средства. Исто така, треба да имаме независни новинарски здруженија. Знаеме дека постојат медиуми кои се под некакво влијание, дека некои работи не се пренесуваат во медиумите. Граѓаните сакаат да се слушне нивниот глас. Проблемот во Европскиот парламент се странските агенти. Ние во Парламентот имаме комитет за дигитален штит, но постојат одредени економски фактори кои што целосно можат да го превртат, во зависност од интересите кои што ги застапуваат, рече Арванис. Тој додаде дека народот се свртува против политичките елити поради медиумите, и токму затоа е навистина нужно да имаме независни медиуми.
Арванис порача дека Северна Македонија мора да биде полноправна членка на ЕУ без дополнителни услови и дека треба да продолжиме во градењето на добрососедските односи.
Европратеникот Владимир Преболиќ во своето обраќање, надоврзувајќи се на историјата и политиката, подвлече дека историчарите не се тие кои ги делат народите, туку политичарите ја злоупотребуваат историјата за таа работа.
-Историјата и историчарите не ги делат народите. Политичарите ја злоупотребуваат историјата за таа работа. Ако политичките елити немаат одговори за иднината, бидејќи политиката е за говорење за иднината а не за историјата, тогаш тоа се празни политички елити. Ваков случај има и во Словенија. Не треба да се користат историските причини со кои ќе се оптоваруваат новите генерации. Токму затоа, многу од младите денес сметаат дека би заминале. Ние како политичари не треба да ги користиме поделбите од историјата за наши политички цели. Треба да донесеме решенија за денешнината и за иднината. Во спротивно, не губиме само контакт со младите, туку го губиме и дискурсот за нашата иднина. Да ја оставиме историјата на историчарите, а ние да не ја злоупотребуваме, рече Преболиќ.
Во однос на темата за природата и екологијата, европратеникот и известувач за земјава Томас Вајц во своето обраќање подвлече дека е потребна поголема комуникација меѓу Националниот парк на Шар Планина и невладините организации.
-Вие имате неверојатно и незаменливо природно наследство. Ви честитам за Националниот парк на Шар Планина. Сепак, нема доволно комуникација меѓу невладините организации и директорот на Националниот парк. Невладините организации се сојузници во изготвувањето на туристички понуди и на регионален развој. Прифатете ги нив како сојузници, разговарајте и видите каде имате заеднички теми. Невладините организации вршат драгоцена работа за населението, тие се важни партнери и треба да се соработува со нив, рече Вајц.
Тој е на ставот дека на државата и е потребен економски, индустриски и стопански развој.
-Важно е за граѓаните да имаат чист воздух, чиста вода и живот што ќе им овозможи на децата да останат тука и да ја градат државата, а не да заминат затоа што се чувствуваат дека не се почитувани. Жално е да се види колку вашата земја е валкана. Јас сум бил на Галичица, на Пелистер, во Преспа, Охрид и Кратово, Маврово… Природното наследство што го имате е исклучително и е вашиот најголема гордост, затоа треба да најдете решение. Имате прекрасни реки, но загадени. Имате плодна земја и убави реки и тоа е вашето богатство, но треба да знаете да ги сочувате овие природни богатства, бидејќи се важни за нашата иднина, рече Вајц.
Како што дополни, нашите соседни земји покажуваат подобар напредок во раководење со отпадот и отпадните води.
-Во споредба со бриселската вода, водата во Скопје не е толку лоша. Но, јас доаѓам од земја каде што водата која што ја пиеме од чешма е навистина квалитетна и тоа може да биде така и во Северна Македонија, преку ИПА 3 програмата. Мислам дека на ова поле треба да работиме заеднички, додаде Валц.
Претходно, членовите на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ остварија средба со претседателот на Собранието Африм Гаши.
Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-Европската Унија, е формиран врз основа на Резолуцијата на Европскиот парламент од 10 март 2004 година и претставува важна можност за продлабочување на дијалогот и зацврстување на заедничката заложба за европската иднина на земјата.