Болниците преполни, Филипче не ја исклучува можноста да почне да се полни и ковид – центарот во хотелот „Ибис“ во Тафталиџе

Од:

Засега нема потреба, но министерот за здравство, Венко Филипче, не ја исклучува можноста со болни да почне да се полни ковид – центарот во хотелот „Ибис Стајлс“ во Тафталиџе каде опремата и кадарот на јавното здравство, во ноември минатата година, ги отстапија приватните клиники. Од Министерството за здравство уверуваат дека слободни болнички кревети за болните од Ковид – 19 се уште има, оти, за разлика од есенскиот бран, сега, на располагање се и модуларните болници, но договорот со приватните клиники не е откажан.

„Засега нема потреба од отворање на ваков дополнителен капацитет за сместување ковид -пациенти. Со отворањето на модуларните болници низ државата се обезбедени дополнителни 600 болнички кревети. Но сите опции се отворени“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.
Од таму денес известија дека во ковид – одделите низ земјава се сместени вкупно 1193 лица од кои 514 се лекуваат во скопските болници. Поради зголемениот број пациенти кои имаат потреба од болничко лекување, во вторникот, беше отворено ковид – одделението на Клиниката за трауматологија, кое во есенскиот бран не беше активирано.

Министерот Филипче, лани во ноември, побара приватните клиники да отстапат дел од своите капацитети на јавното здравство

Приватните клиники „Жан Митрев“, „Аџибадем Сиситина“  и „Ре – Медика“, на усно барање од министерот Филипче, во ноември минатата година, се договорија хотелот „Ибис“ во Тафталиџе, во кој претходно функционираше болницата „Мала Богородица – Систина“, да го опремат во ковид – центар и да обезбедат кадар кој ќе работи со болните. За граѓаните лекувањето во овој ковид – центар, според најавите, треба да биде бесплатно, а за секој пациент државата треба да им префрла дневно по 100 евра на приватните клиники.

Од „Аџибадем Систина“, во чија сопственост е и хотелот „Ибис“ во Тафталиџе, велат дека  и по поминати речиси четири месеци, во ковид – центарот се е спремно за примање пациенти.

„Ние ги исполнивме сите обврски од она што беше договорено со министерот. Во ковид – центарот има 100 легла до кои има довод на кислород, опремата се уште е таму, не е повлечена. За да почне да функционира, уште во ноември минатата година, ни беше објаснето дека треба да се потпише и договор, но дека тоа ќе се случи кога ќе има одлука да почнат да се сместуваат пациенти. Засега се уште никој не побарал од нас да се активира ковид – центарот“, велат од „Аџибадем Систина“.

Од Клиниката „Жан Митрев“ велат дека иако третиот бран се чувствува и кај нив и во рамки на Клиниката веќе обезбедуваат нови легла, договореното со министерот Филипче се подготвени да го почитуваат.

„Ние се уште стоиме на понуденото.  Иако проблемите со персоналот во континуитет се присутни, ние правиме прераспределби согласно ноовонастанатата ситуација. Во моментов нашите капацитети се пополнуваат со голема брзина. Особено евидентно се забележува пораст на хоспитализаци, така што во последните 3 недели бројката се триплираше. Но, имаме сеуште слободни кревети“, велат од Клиниката „Жан Митрев“ за „А1он“.

Иако и од јавното и од приватното здравство тврдат дека има слободни кревети, пациенти секојдневно се жалат дека минуваат и по цели ноќи по болничките ходници оти нема каде да бидат сместени.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска