Болни деца и возрасни бараат од министерот да се ревидира листата на хронични болести, поради опасноста од Ковид-19

Од:

Голем број родители и пациенти реагираат дека болестите од кои страдаат тие и нивните деца ги нема на листата хронично болни, кои би требало да бидат ослободени од работа, согласно одлуките на Владата за заштита и превенција од коронавирусот.

Тие сметаат дека Владата итно треба да ја ревидира листата, бидејќи голем дел од овие лица имаат намален имунитет и се подложни на вируси, а многу деца кои поради одредена состојба биле чувани во дневни центри или од дадилки, сега немаат каде да престојуваат бидејќи едниот родител не е ослободен од работни обврски.

Од Здружението „Дајте ни крилја“ реагираат дека на владината листа нема ниту една невролошка дијагноза, вклучително и дијагнозите епилепсија и епилептични синдрoми, како и аутизам и синдроми од аутистичниот спектар.

„Ова се дијагнози на стотици деца во државата. Тоа се најчесто деца кои не се вакцинирани и не се згрижени во градинки или училишта. За нив најчесто се грижат дадилки или дневни центри кои не се опфатени со мерката со потврдите за отсуство на родител на дете до 10 години. Тоа се деца кои освен хроничната дијагноза, често имаат и намален имунитет. Во овие услови нa ширење на COVID 19, чувањето деца од лица однадвор, чие движење и контакти не можат да се контролираат по работното време, може да го доведе во прашање здравјето на децата. Затоа, неопходно е чување на децата во домашни услови од родител. Бараме Министерството за здравство веднаш да ја ревидира листата на дијагнози и да ги вметне невролошките болести. Нашите деца не смеат да бидат колатерална штета, ниту заборавени од институциите“, велат од Здружението.

Слични реакции имаше и од страна на родителите на деца со цистична фиброза, дијагноза која не беше ставена на листата од Министерството за здравство, а потоа тоа беше коригирано и еден од родителите на болните деца сега е ослободен од работните обврски за да може да се грижи за своето дете.

Пијат лекови кои го намалуваат имунитетот, а не се ослободени од работа

До министерот за здравство Венко Филипче денеска е најавено и дека ќе биде поднесена  претставка од лица заболени од Кронова болест и Улцерозен колит – автоимуни болести поради кои дел од пациентите мораат да пијат имуносупресиви, лекови кои го намалуваат имунитетот и според препораките на гастроентерохепатолозите, тие спаѓаат во високоризична група пациенти кога станува збор за ширењето вируси.

Сепак, и нивните дијагнози не се најдоа на листата што ја издаде Министерството за здравство и сега се наоѓаат во ситуација да мораат да земаат боледување, но и тоа не може да трае долго, особено ако се земе предвид фактот што не може да се предвиди до кога би траела пандемијата на коронавирусот.

На 13 март годинава, дел од нив ја добиле листата со хронични болести, каде што спаѓаат и имунокомпримитирачките состојби, но Кроновата болест и Улцерозниот колит (под шифрата К) не биле вметнати.

„Разговарав и со матичниот лекар, со членови на лекарската комора и со гастроентерохепатолог.  Сите се на мислење дека морам да седам дома и да ги почитувам мерките на изолација и превентива бидејќи пијам „имуран“, лек кој го доведува имунолошкиот систем на минимум. На прашањето како правно да се покријам, никој не ми понуди одговор и јас бев принудена да земам боледување. Но, би сакала да знам како пациент, дали јас на овој начин не сум дискриминирана во однос на другите пациенти и вработените кои имаат платено отсуство затоа што биле на службен пат во земја со висок и средно висок ризик или пак здрави родители кои чуваат 10 годишни деца. Барам од Вас да се прошири листата со дијагнози или да се најде начин за лица кои се во моментот на имуносупресивна терапија. На овој начин се чувствувам како дискриминиран пациент. Би сакала да добијам ваше мислење дали јас треба да останам дома со овој вид на терапија „имуран“, слаб имунитет, хронично автоимуно заболување или можам да одам на работа во услови на критична состојба и контакт со вработени и странки“, се вели во претставката на еден од пациентите.

До редакцијата на „А1он“ стигнаа повеќе реакции од лица со истата дијагноза и истата терапија кои велат дека нивната состојба може нагло и видно да се влоши, токму поради терапијата што ја примаат за нивната автоимуна болест.

Тие велат дека постојано испраќаат пораки до министерот Филипче и до вицепремиерката Мила Царовска, но не добиваат никаков одговор, а велат дека секој ден им е важен, бидејќи било каков вирус, а особено Ковид – 19, може комплетно да го наруши нивното здравје.

Би можело да ве интересира

Филипче: Да градиме мостови на разбирање и соработка

Филипче: Скопје е во криза, СДСМ иницира итна седница на Совет на Град Скопје

Филипче: Буџетот е скроен да се товари администрацијата со партиски вработувања,

Филипче: Зошто граѓаните да плаќаат за каматите на кредитите што Владата ќе им ги одобри на компаниите?

Катерина Ѓуровски

СДСМ поднела 200 амандмани на буџетот за 2025 за кој вели дека е нереален и генератор на нови долгови

Филипче му ја честиташе победата на Доналд Трамп