Во затворот „Идризово“ и Управата за извршување санкции знаеле дека Бојан Јовановски-Боки 13 има проблеми со здравјето, но сепак го преместиле во скоро најлошите затворски услови. Потврда за ова се медицинските извештаи достапни за затворскиот директор Шпенд Тахири, кој раководи со затворот и одлучува за сместувањето на затворениците.
За ова знаел и Марјан Спасовски, директор на Управата задолжена за контрола над затворите, но не презел ништо. Тој бил информиран минатата недела. „А1он“ дознава дека пред Јовановски да биде преместен во лошите услови, Марјан Спасовски бил во посета на затворот „Идризово“, каде седел и разговарал со осудениот, меѓу другото и за нарушеното здравје. Неколку часа подоцна, Јовановски е однесен во старата зграда на затворот.
Адвокатот Сашко Дуковски, обвинува дека токму од оваа институција доаѓа реваншизмот. Тој во изјава за „А1он“ посочи дека лошите услови каде бил сместен Јовановски имале големо влијание за сега Јовановски да е задржан во болница, во пред операциона состојба.
„Мислам дека е резултат на личен анимозитет на човекот во Управа за извршување санкции при Министерството за правда која доведе до ваква состојба“, кажа Дуковски за „А1он“.
Дуковски и по пола месец откако неговиот клиент е преместен, не знае кои се причините.
„Се обидов неколку пати да стапам во контакт новиот директор, но никогаш не добив објаснување“, вели Дуковски, половина месец од преместувањето на Јовановски.
Директорот на Управата, Марјан Спасовски, за состојбата на Јовановски беше прашан ден откако тој беше преместен во старата зграда на „Идризово“. Најави дека ќе провери, но не одговори на прашања од „А1он“ дали преместувањето е поради личен анимозитет. Од него, молк и за тоа дали некој влијаел врз него, за тој да влијае во „Идризово“ за преместувањето.
„А1он“ контактираше и со директорот на „Идризово“, Тахири, но тој не одговори кои се причините Бојан Јовановски да биде преместен од полуотвореното во затвореното одделние. Народниот правобранител посочи му посочи дека условите во овие простории не ги исполнуваат стандардите предвидени со домашното законодавство и му посочи на директорот дека Јовановски треба да биде преместен во подобри услови. Тахири, не одговори ниту дали ќе постапи по ова укажување.
Шпекулациите за преместување на Јовановски-Боки 13 во овој дел на затворот почнаа откако тој се согласи да даде интервју за „А1он“. Адвокатскиот тим на Јовановски се сомневаше дека преместувањето би било реваншизам со кој ќе се овозможи молк и дупла казна. Управата за извршување на санкции тогаш одбиваше да даде одобрение.
Јовановски е правосилно осуден за случајот „Рекет“ на деветгодишна казна. Втората казна за која е осуден на девет години е за случајот „Меѓународен сојуз“. Оваа одлука е првостепена и не е правосилна.
Од вчера, Јовановски е хоспитализиран во болница.