Бојан Кордалов: Социјалните мрежи не креираат вести како порталите, не може да бидат главен извор на информирање

Од:

Социјалните мрежи не можат да бидат главен извор на информирање затоа што не создаваат содржини како онлајн медиумите и другите традиционални медиуми.

Ова е став на специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов кој за „А1он“ рече дека социјалните медиуми не продуцираат информации туку се само платформа каде што другите ги споделуваат вестите.

– Јас во традиционални медиуми ги вбројувам и релевантните портали, не само телевизијата, радиотот и весниците. Во некои истражувања социјалните мрежи се главен извор на информирање. Социјалните мрежи не можат да бидат главен извор, тие се само празен канал на кој само се пренесуваат извори на информации. Ако ги нема онлајн медиумите, тогаш социјалните мрежи ќе немаат ниту извори – рече тој за „А1он“.

Последното истражување на Институтот за комуникациски студии покажа дека поголемиот дел од граѓаните повеќепати дневно се информираат од телевизијата, а на второ и трето место се социјалната мрежа Фејсбук и порталите.

Телевизијата е најпопуларен извор на информации кај публиката над 55 години (86%) и оние гледачи над 65-годишна возраст (94%), додека од социјалните мрежи и од порталите се информира публиката од 18 до 44 години. Дел од граѓаните (44%) за случувањата во светот се информираат повеќе пати дневно, 27% еднаш дневно, 15% неколку пати во неделата, додека 14% од граѓаните воопшто не се интересираат за случувањата во светот.

„Гледано од аспект на тоа колку често се информираат, телевизијата е најпопуларна кај граѓаните што повеќе пати дневно или еднаш дневно се информираат за настаните од светот. На второ место е Фејсбук, а на трето се вебсајтовите. Граѓаните што се информираат неколку пати во неделата тоа најчесто го прават преку Фејсбук, а на второ место е телевизијата, иако разликата помеѓу овие две категории е речиси незначителна“, се вели во истражувањето на ИКС.

Со оглед на тоа дека информативните содржини на социјалните мрежи се преземени линкови од онлајн медиумите, излегува дека порталите како медиуми кои создаваат содржини, се рамо до рамо со телевизиите во однос на популарноста кај публиката.

Бојан Кордалов препорачува во следните истражувања да се праша дополнително публиката од кој извор на социјалните мрежи најчесто се информира.

– Кога некој ќе рече се информирам од социјална мрежа, прашајте го од кој медиум. Тоа е како да кажете дека содржината ја добивате по пошта и поштарот ве информира. Но, ве информира тој што ја испраќа поштата, а не поштарот. Пораката ја добиваме преку социјалните мрежи, но таа има свој извор и тоа прашање е многу важно за да се таргетираат кои се релевантни извори, односно нерелевантни извори на дезинформации. Тоа подкатегоризирање ќе помогне многу. Затоа во следните истражувања препорачувам да се праша дополнително публиката од кој извор на социјалните мрежи се информира најчесто – истакна Кордалов.

Аналитичарот смета дека социјалните мрежи се партнер на онлајн медиумите затоа што нудат платформа плус за споделување на информациите, а потребата за што повеќе платформи кај медиумите е наметната од динамиката на живот и консумацијата на информации.

Затоа и прилагодувањето на медиумот на потребите на читателите, според Кордалов, ќе игра најголема улога кој ќе добие најмногу од огласувачкиот колач.

– Според мене секој медиум кој ќе се адаптира на читателите и нивните потреби ќе добие најголем дел од колачот. Денес интернет порталот креира вести во видео формат и потоа ги става на јутјуб. Се повеќе ќе биде важно дали сте прилагодени на публиката. Денеска она гледање на вести на барање (on demand) е се поизразено и кај информативните медиуми. Секој индвидуално си го структурира времето и според него бира што информации да консумира и кога да ги консумира истите. Аналогно на тоа медиумите се прилагодуваат на навиките на луѓето, не на социјалните мрежи – коментира за „А1он“, Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Би можело да ве интересира

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

(ВИДЕО) Онлајн медиумите и социјалните мрежи се најчест извор на граѓаните на информации за политика

Орце Костов

Здружението Онлајнмедиа бара и предлага конкретни решенија за законска регулација на онлајн медиумите

Катерина Ѓуровски

МАН: Ние предлагаме интернет-порталите законски да станат медиуми, ЗНМ се противи

Жарко Настоски

Партиите го изиграа ДИК, се рекламирале и на портали кои не бараат пари од државата за рекламите

Кај портали со голи задници и партиски послушници заврши дел од државните пари за рекламирање на партиите