Седењето во хотелскиот ресторан со друштво, за градоначалникот Саша Богдановиќ е законско. Тој вели дека изнајмил соба, се сместил и преспал. Богдановиќ смета дека немал друг начин како да угости пријатели од Србија, кои биле дојдени на гости, а не можел да ги однесе дома. Прашан дали следен пат би го направил истото и покрај критиките дека го изиграл протоколот и направил седенка во хотелски ресторан, Богдановиќ вели дека ако тоа се случи, веројатно би го најавил тоа или ќе направи чекор за да не биде мета на вакви критики.
„Во хотелот не можеш да влезеш, ако не си гости. Јас прво што направив, си резервирав соба, бидејќи немав друг начин да се видам со пријатели, гости кои ги сместив. Имав пријатели од Белград, а таму имаме и кошаркар од Работнички. Бидејќи не можев да го видам последниве 2-3 дена, поради некои работи, се договоривме да отидам, да си ја резервирам собата, поминав време со нив до кај 9:30/10:00 и потоа секој си отиде во соба. Дојде Пазарна инспекција, ме затекна во соба и тоа е тоа. Немам кај да ги носам гостиве, дојдени се на еден ден, не можам да ги носам дома, не работи ништо, затоа отидов со нив“, вели Богдановиќ за „А1он“.
Прашан дали го изиграл протоколот за да се гоштева со друштво, тој смета дека не е така.
„Не го изигруваме протоколот. Протоколот е за гости во хотел. Ние сме гости. Јас завршив со работа во 18:30/19:00, а за саат време не можевме да се видиме. Викам, подобро ќе одам ќе резервирам и за вас и за мене, ќе си преноќиме, сабајле ќе ве испратам и тоа е тоа. Се видов и со кошаркарот за тоа што се треба околу тренирањето, тоа беше целта и намерата. Јас имам дозвола за движење во полициски час, а гостите немаат. Претходно бев на работа“, додава Богдановиќ.
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не се основани бидејќи тој не седел во кафеана како што објавила опозицијата, туку од како што вели, дел од хотел.
„Седевме во дел на хотелот, тоа не е забрането. ВМРО-ДПМНЕ објави дека седам во кафеана, тоа не е кафана, туку дел од хотел. И тоа е согласно протоколот, даден за гости. Не отидов со сила да седам, прашав. Не можев гостите дома да ги носам, отидовме се чекиравме. Нема ништо спорно од законски аспект. И да збориме за морален, навистина немаше начин, кога ти доаѓа некој, сакаш да го видиш и немаш време – си резервираш и си остануваш. Претходно, мајка ми правеше операција, цело семејство беше заболено од ковид и таа не можеше да дојде дома, ја сместивме во истото место да преседи. Еден ден резервирав да бидам со неа. И во тој момент имаше ограничување“, вели Богдановиќ за „А1он“.