Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, смета дека неуспехот да се спречи изградбата на згради на паркингот спроти „Холидеј Ин“ нема да влијае на резултатот на претстојните локални избори. Неговиот став е дека Општината покажала подготвеност за измени и покрај тоа што не успеа да го смени или поништи планот кој предвидува 60 катници на паркингот, кој се врати на сила по укинувањето на мораториумот за градење.
„Не може да влијае затоа што Општина Центар покажа спремност дека сака да направи промени. Нормално дека имавме пресуда од Уставен суд која што е клучна и не стопираше во такви активности, но ние не се откажуваме. Јас неколкупати споменувам дека нашата политика ќе ја спроведуваме со менување на деталните урбанистички планови. Веќе неколку имаме променето и неколку се подготвени повторно да бидат заменети. Општина Центар покажа подготвеност да направи одредени промени затоа што сметаме дека не е доволно, не се постигнати одредени стандарди, но треба да се гледа и се она што го постигнавме и покрај мораториумот, со изведба на капитални проекти“, рече денес градоначалникот Богдановиќ на почетокот на третата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ.
Најголем успех на Општината под негово раководство Богдановиќ вели дека е тоа што без никакви задолжувања успеале да завршат основно школо, нешто што не било направено во последните 50 години, реконструирале една градинка, почнале изградба на уште една, најавена како најмодерна, а граделе и инфраструктура на територијата на Центар која никогаш досега не била градена.
Со досега сработените проекти како кредит за локалните избори денес на почетокто на третата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ се пофалија и градоначалниците и градоначалниците на Скопје, Аеродром и Гази Баба. Тие заедно со Богдановиќ се на партиската листа за кандидати кои може да бидат поддржани за втор градоначалнички мандат.
„Одлуката ќе ја имаат партиските органи, раководството на партијата, а крајниот суд ќе го имаат и самите граѓани. Наша желба и амбиција е да ги продолжиме и да ги завршиме сите политики и проекти кои сме ги почнале во градов“, реле градоначалникот Богдановиќ.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, рече дека ќе чeкаат да созрее процесот за избор на кандидати во партијата и нагласи дека СДСМ без оглед на личните, персоналните решенија, кои ќе бидат во постапката која треба да заврши, има целосно право, целосен легитимитет да побара иста или слична доверба од граѓаните на Скопје.