Градежниот инспекторат мижи за изградбата на дваесткатницата кај „Холидеј Ин“, „Зелен хуман град“ најави кривична

Од:

Непостапувањето на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам кој може да ја сопре изградбата на дваесеткатницата спроти „Холидеј Ин“ ја прави и оваа институција соучесник во бетонизирањето на Центар, сметаат невладините организации. Од иницијативата „Зелен хуман град“ на вчерашниот протест против висококатниците најавија кривична пријава за Инспекторатот, кој не смее да дозволи да се реализира детален план кој е спротивен на Генералниот урбанистички план, како што е случајот со висококатниците спроти „Холидеј Ин“. Тие побарале, но не добиле одговори од Инспекторатот за случајот со високатницата која почна да се гради.

„Денеска повторно испративме претставка до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да ни одговори и ги потсетивме дека доколку не одговорат следува кривична пријава меѓутоа немаме информација кај кои лица се всушност предметите, се уште“, рече Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ укажувајќи дека Инспекторатот е влезен во синџирот на одговорни за висококатниците спроти „Холидеј Ин“.

Според неа, вината ја делат повеќе институции.

„Вината е во различни нивоа од владеењето бидејќи, прво, со самото донесување на еден таков план непосредно пред да биде новиот Генерален урбанистички план донесен, понатаму продажбата на земјиштето од страна на Министерството за транспорт и врски и сега непостапувањето и на Државниот инспекторат за урбанизам и непостапувањето на Јавното обвинителство. Во целиот синџир на одговорности секаде, на секое ниво во институциите се наоѓа проблем и е јасно дека ова е најверојатно злосторничко здружување бидејќи едноставно нема друго објаснување“, рече синоќа Велковска и нагласи дека останале неодговорени и прашањата кои ги испратиле за овој случај и во Обвинителството.

Таа синоќа јавно ги повика и Инспекторатот и Обвинителството да излеат и да кажат доколку сметат дека висококатницте треба да се изградат.

Државниот инспекторат за урбанизам не одговори ниту на прашањата од „А1он“ за висококатниците спроти „Холидеј Ин“. Инспекторатот не кажува зошто не реагира на почнатата реализација на детален план кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план за Скопје и дали по секојдневните реакции на скопјани и на невладините организации излегле на терен за увид во она што се гради спроти „Холидеј Ин“.

Од Обвинителството пак, за „А1он“ велат дека се работи на случајот инициран од Државната комисија за спречување корупција, но потребно им било време за постапување оти се работи за долг временски период за кој треба да се испитаат сите околности.

„Иницијативата е во предистражна постапка и се  преземаат сите неопходни дејствија  за расчистување на случајот. Предметниот обвинител веднаш донесе наредба за прибирање и анализа на материјалните докази во насока на утврдување дали е нанесена штета на Буџетот на државата. Во оваа насока беше доставена и наредба до Министерството за внатрешни работи кои во два наврати побараа продолжување на роковите по наредбата заради структурните промени настанати во надлежната единица, односно заради дообезбедување на материјалните докази од Општина Центар. Во меѓувреме, предметниот обвинител сослушува и лица во својство на сведоци за кои цени дека ќе бидат од корист за расчистување на случајот. Со оглед дека се работи за обемен материјал и период од 8 години што подразбира два мандати на двајца различни градоначалници, потребно е време за сериозно и аналитичко постапување како би се испитале сите околности врз основа на кои јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.

Обвинителството нема коментар на забелешките на граѓаните и на невладините организации кои синоќа организираат и протест пред Обвинителството на кој беше побарано да постапат по предметот и да ја сопрат изградбата на висококатниците.

„Обинителството не коментира ставови на други лица или институции, особено што обвинителството е орган за гонење и нема законска основа да бара стопирање на градбата со оглед дека таква мерка не постои во законот, дотолку повеќе што одлука за мораториум за градење ја носи општината, во овој случај Општина Центар, која одлука по донесувањето Уставниот суд ја има укинато, а Општина Центар има издадено Одобрение за градење. ​Со оглед дека предистражната постапка е тајна во моментов не можеме да споделиме повеќе детали“, велат од Обвинителството.

Додека институциите не реагираат, на земјиштето кое е сопственост на „МГ фешн“ и Македонската православна црква  веќе почнаа градежни активности за изградба на дваесеткатница. „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ најавија дека нема да дозвола планот а се реализира оти за девет пати ја зголемува густината на населението и ќе го направи овој дел најгусто населен во светот. Тие предлагаа Општина центар да ги обесштети нивомаалци, а ако нема доволно средства, та да се направи од централниот буџет и просторот место со висококатници, хумано да се уреди.

Истовремено, голем дел од сопствениците на објекти во Ново Маало, секојдневно даваат поддршка на проектот на „МГ фешн“ за изградба на висококатници и парк околу нив со големина на Плоштад Македонија.

Би можело да ве интересира

Герасимовски издаде одобрение за нова единаесеткатница кај „Холидеј ин“; „Шанса за Центар“ го потсети дека планот е незаконски

Маја Илиевска-Пачемска

Инспекцијата од Центар не направила увид кај „Холидеј ин“ оти нема жалба, ниту поплака за новата дваесеткатница

Маја Илиевска-Пачемска

Градежен инспекторат: Центар треба да ја прекине градбата на дваесеткатницата кај „Холидеј Ин“

Жители на Ново Маало: Поддршката за протестите на „Зелен Хуман Град“ е еднаква на нула

А1он

(ВИДЕО) Обвинителството да не го крие злосторничкото здружување за парцелите кај „Холидеј Ин“, не ни требаат дваесеткатници

Маја Илиевска-Пачемска

Жители на Ново Маало: „Зелен Хуман Град“ и останатите лажни борци за екологија немаат право да одлучуваат во име на нашите имоти

Ана Ололовска