Новинарите, политичарите, пријателите, бизнисмените се простија од познатиот новинар и уредник на „Фокус“, Никола Младенов.
Тишината, солзите и воздишките ги прекина едноминутниот аплауз. Неговата сопруга Билјана знае дека Младенов би сакал аплауз наместо молк.
– Никола ме научи многу работи, но едно не ме научи. Како да продолжам без него, рече неговата сопруга Билјана, држејќи ја неговата фотографија во раце.
– Оваа фотографија му беше омилена. Го прашував зошто. Рече затоа што мојата рака била на неговата фотографија. Сум била неговата поддршка која го терала да продолжи напред и да се бори со сите. Младенов се гоордееше со својот тим во Фокус, рече сопругата.
Младенов секогаш велеше дека токму сопругата Билјана му е најголема поддршка во животот.
На комеморацијата се зборуваше за неговата критичност, за борбата за слободно изразување, за сите стресови, физички пресметки, притисоци со кои се соочил познатиот новинар. Младенов велеше дека ако го оставиш новинарот сам, да не му правиш притисок, најдобро и најпрофесионално ќе ја заврши работата.
Пригодна реч во име на редакцијата на дневниот и неделниот „Фокус“ имаше Саше Димески, а пред присутните се обратија, претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани и Тамара Чаусидис, претседател на новинарскиот Синдикат.