Билатерални канцеларии за зголемена младинска соработка со Грција

Од:

Отворањето на билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Република Грција е извонреден чекор во зголемувањето на соработката помеѓу младите од двете држави. Ова е производ на Преспанскиот договор со кој ги тргнавме политичките пречки што ги оптоваруваа нашите односи и во исто време природен и нормален тек на соработката која треба да постои меѓу двете држави.

Ова го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски во обраќањето на настанот во Скопје по повод основање билатералните канцеларии за младинска соработка меѓу нашата земја и Грција.

Тој додаде дека и покрај отвореното прашање во нашите односи во минатото, граѓаните од двете држави, а особено младите немаа проблем да комуницираат, соработуваат и реализираат заеднички проекти. За жал, сè уште постојат луѓе од двете страни на границата, меѓу нив и млади луѓе кои имаат предрасуди за соседната земја и кои едноставно немале можност да се запознаат со животот и секојдневието на другата страна, да се дружат со своите врсници, да разменуваат мислења и идеи.

– Оттука иницијативата за отворање на вакви билатерални канцеларии е идеја за проект кој ќе го зголеми обемот на соработка и ќе иницира заеднички активности кои ќе бидат одговор на потребите на младите од двете земји. Сето ова значително ќе придонесе за зголемување на соработката и пријателството и надминување на негативната перцепција и стереотипите кои се резултат на долгогодишното отсуство на вистинските информации. Многу млади токму преку оваа иницијатива по првпат ќе имаат можност да се дружат со своите врсници и директно да посведочат дека споделуваат заеднички интереси, визии и проблеми, рече Пендаровски, подвлекувајќи дека ваквите билатерални иницијативи се значајни не само за двете земји туку и за целиот регион.

Грчкиот амбасадор во земјава Димитрис Јанакакис истакна дека оваа соработка меѓу младите е една од целите на Акцискиот план потпишан минатата година од двете страни за натамошна имплементација на Преспанскиот договор.

– Кога се осврнуваме на Договорот од Преспа луѓето често се концентрираат на прашањето за името. Тоа е во неговата суштина и решението го отвори патот кон членство на Северна Македонија во НАТО што ќе се случи наскоро. Се надевам дека што поскоро ќе се случи и отворањето на пристапните преговори со ЕУ што Грција активно го поддржува. Од витално значење е Преспанскиот договор да биде целосно имплементиран во согласност со принципите на меѓународното право. Но, Преспанскиот договор и Акцискиот план се многу повеќе од тоа. Тие даваат рамка за поширока соработка во бројни области, рече Јанакакис.

Грчкиот амбасадор воедно изрази задоволство што денеска во Скопје се одржува и првиот состанок на Мешовитиот комитет воспоставен за имплементација на Договорот постигнат лани за отворање нов граничен премин Лемос – Маркова Нога.

На настанот се обратија и амбасадорите на САД и на Германија, чии земји ја поддржуваат имплементацијата на Договорот од Преспа.

Ова е иницијален состанок за формирање на билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу двете соседни земји, а проектот го спроведуваат Младински сојуз Крушево и УНЕСКО Младински клуб од Солун.

Би можело да ве интересира

МТВ: Македонската телевизија ги отфрла информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел

Пендаровски: Давкова си закажала дебата сама со себе на МТВ

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Пендаровски од Куманово: Поголема излезност за државата да чекори по зацртаниот пат

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пендаровски: Бројот еден е гаранција дека државата ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ

Горан Наумовски

Пендаровски: Пред вас граѓаните има две опции, едната што продолжува напред, другата што сака да нè врати назад

(ВИДЕО) Пендаровски во Маврово: Срамота е што Мицкоски ги моли коалиционите партнери за гласови за Сиљановска