„Бевме блиски цел живот, работеше во Комунална хигиена“, градоначалникот на Бутел за убиениот Идризи

Од:

Полицијата со часови собираше чаури и траги во скопски Бутел, по бруталното убиство на Камер Идризи. Засега од МВР не даваат информации дали се знае кој го уби 43-годишниот скопјанец, а тешко го рани неговиот внук. Идризи и бил познат на полицијата, но и на генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири и градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски. Зекири не одговори на повиците за да каже од каде се познаваат со Идризи. Смилевски, пак, за „А1он“ вели дека биле другари цел живот.

Градоначалникот Смилевски вели дека биле блиски со Идризи, кој вчера беше убиен. За „А1он“ вели дека не знае за неговиот бизнис, ниту разговарал за тоа. Се дружеле, вели Смилевски, а за разлика од коментарите во јавноста каде Идризи е преставен како „лице познато на полицијата“, градоначалникот тврди дека не го познава како таков.

„Тој ми е комшија, кој што е две години помал од мене. Со брат му сум генерација, заедно учевме во основно училиште, се дружевме. Така што, некои работи не можеш да ги бираш. Тоа е тоа. Од детство, од четири години, па се до вчера, бевме заедно. Јас го знам многу поразлично. Мене ми бил другар цел живот, помал е, сум го сакал, сум го дружел. Јас, како што го зборат, не сум го доживеал никогаш во живот. Тоа што сум му кажал некои работи, во принцип ме слушал. Како постар брат, бидејќи со неговиот починат брат и другиот брат, сме биле комшии, другари. Секој има своја приказна, јас не сум видел лошо од него. Во принцип сум го карал, бил помал. Комшија од дете ми е, кога моите родители ја изградиле куќата, тие ја добиле бараката. Сум немал ниту работа, ниту бизнис, туку било чисто другарство. За мене секогаш бил во ред“, вели Смилевски.

Прашан дали знае зошто Идризи е Убиен, градоначалникот на Бутел, вели дека не знае.

„Сме биле блиски, но никогаш не сум разговарал за неговиот бизнис, ниту неговите проблеми. Во принцип, му било срам да се жали од работи ако му се случувале. Сме разговарале за фамилијарни работи, се консултирал со мене, а за други работи – не. Тој во главно работеше во Комунална хигиена и беше контролор на трета смена, како внатрешна контрола. Од дете, од 17 години мислам дека работи таму. Не од 18, туку 17, и се чудевме тогаш, не беше полнолетен, а веќе работеше“, додава Смилевски.

Убиството на Идризи се случи синоќа на раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“. Тој за време на кобниот момент бил во возило марка „голф“, а од возило арка „ренџ ровер“ биле испукани 80 куршуми кон него.

Идризи беше едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар Палас“ во 2019 година. Како што тогаш беше објавено, напаѓачите биле вооружени со автоматско оружје и имале фантомки на главите, а поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите и пукал кон напаѓачите во самоодбрана.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) 12 граѓани ги фотографирале гласачките ливчиња, шест пријави за нудење на поткуп – Министерот Тошковски за изборниот ден

Анита Петровска Рајковиќ

МВР: Нови случаи на фотографирање и кинење на гласачко ливче

Горан Наумовски

МВР: Петмина гласачи си ги фотографирале гласачките ливчиња

Горан Наумовски

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Измамен тетовец, платил 21 илјада евра за роба која не ја добил

Катерина Ѓуровски

Лични документи можат да се подигнат и в среда на денот на изборите

Анита Петровска Рајковиќ