Бесполезни се планирања и очекувања од туристичка сезона во Охрид во услови на вонредна ситуација

Од:

Новонастанатата ситуација со светската епидемија на коронавирусот секако ќе ги засегне сите сфери на општественото живеење. Во услови кога светот се обидува да се справи со болеста, секако погодена е и економијата. Но, затворањето на границите и ограничувањето на движењето на луѓето без двојби најмногу ќе го погоди туризмот како стопанска гранка.

Туристичката дејност која за Охрид има огромен економски импакт, моментално е практично во целосен застој. Туризам без движење на луѓе нема, а во Охрид и на охридската ривиера тоа значи недостиг на приходи, не само во областа на сместувачките капацитети или рестораните и кафе-баровите, туку во речиси сите дејности оттаму што речиси секој бизнис во градот и на брегот на езерото, директно зависи од туристите и гостите што доаѓаат од други места.

Веќе е познато дека до крајот на јуни се откажани сите претходно договорени аранжмани за летување на Охридското Езеро. Не може да се предвидува како ќе се одвива ситуацијата во справувањето со заразата, прогнозите се неблагодарни, но повеќе од извесно е дека и во најдобар случај оваа летна туристичка сезона во Охрид ќе биде најлошата од кога се памети.

– Зависно од тоа како ќе се развива ситуацијата со Коронавирусот, летната сезона 2020 ќе биде до 70 проценти послаба од претходните, ако не и повеќе. И во најдобар случај, доколку пикот на заразата биде некаде на крајот на април како што се оптимистичките проценки, ќе биде потребно потоа уште некаде два месеца да се враќаат полека состојбите во некоја нормала, па дури потоа да се очекуваат гости. Во овие околности не очекуваме гости пред јули, изјави Крсте Блажески, претседател на Асоциацијата на хотелиерите на Македонија (ХОТАМ).

Она што е важно, како што рече Блажески, е тоа што дури и да се прогласи крај на епидемијата, ќе биде потребно време за да се врати желбата на луѓето за патувања.

– Туризмот во светски рамки е во колапс. Сигурно ќе следат несакани мерки, испуштања работници, сериозни проблеми за некои позадолжени субјекти кои во бизнис-плановите не предвиделе вакви ситуации…За нас се спомнуваат некои мерки за помош од три месеци, но многу ќе зависи како ќе биде развојот на ситуацијата. Се се тоа претпоставки, излишно е да се прогнозира, да се дават мислења. Таму сме каде што сме, а ситуацијата со два збора кажано би била – без коментар, рече Блажески.

Блажески кој е раководител на хотелот „Дрим“ во Струга, каде се сместени дел од нашите повратници од странство, а за кои на сила е мерката за двонеделна изолација.

– Засега сме зафатени со згрижување на повратниците, така што прво што треба да се работи на намалување на бројот заразени, почитување на препораките за сузбивање на болеста. Ние имаме направено повеќе планови за брза реакција, како да се работи за брзо

опоравување, но сето тоа во оваа ситуација кога се на сила такви мерки и е неизвесен развојот на случувањата, практично е неважно, рече Блажески.

Инаку, Охрид никогаш не бележел голема посетеност во овој период од годината особено во месец март, но оваа ситуација не може да се споредува ниту со најлошите сезони.

Некои од угостителите и сопствениците на сместувачки капацитети ја користат забраната за работа за освежување на објектите, чистење, некои вршат реновирања, реконструкции, сето во надеж дека ситуацијата ќе се подобри и оти сезоната не е се уште загубена. Се презакажуваат некои од однапред планираните манифестации, но сето е врзано за текот на настаните околу епидемијата.

И за туризмот во Охрид останува да важи истата препорака, потребата од што подоследно почитување на мерките за спречување на ширењето на Коронаворусот, се со цел што поскора нормализација на состојбите, па потоа да се работи за враќање на гостите во Охрид.

Би можело да ве интересира

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

Кражбата во средното училиште во Охрид ја извршила ученичка

Стоилковски: Непотизам во Охрид, роднината на Зечевиќ главен кадровик на СДС во општината

Катерина Ѓуровски

Ученици од прва до четврта година принудени да плаќаат за наметки и капи за матурантите

Орце Костов

Левица: Јавните претпријатија повторно во загуба иако ги покачија цените врз грбот на охриѓани