Шест до осум бесплатни дермавенеролошки услуги и советувања за момчиња и мажи со попреченост ќе бидат реализирани денеска во младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.
Станува збор за активност кој опфаќа прегледи, советувања, тестирања за сексуално-преносливи инфекции, крио-терапија и терапија за сексуално-преносливи инфекции, а ја организира Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамки на Деновите на сексуално и репродуктивно здравје и лица со попреченост, кои се одржуваат од 19 октомври до 10 ноември.
– Овие услуги генерално се нудат во младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно во текот на целата година, но избравме во овој период од 19 октомври до 10 ноември да издвоиме и истакнеме четри термини кои се посебно достапни и пристапни за лица со попреченост и во овие денови тие имаат приоритет, но услугите се нудат и во другите денови во текот на целата година. Секој вторник од 15 до 18 часот се нудат дермавенеролошките прегледи и тестирања, а секој четврток од 15 до 18 часот се нудат гинеколошките прегледи и тестирања, истакна програмскиот раководител на Х.Е.Р.А. и претставник на Платформата за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и лица со попреченост, Весна Матевска.
Потенцира дека се нуди тестирање за кладимија, гонореја, ПАП тестови…, а во периодот кога се нудат медицинските услуги во младинскиот центар „Сакам да знам“ има и ХИВ тестирање.
– Сите услуги се бесплатни, доверливи и анонимни освен за тестирањата. Приоритет имаат тие што се закажани. Има голем интерес. Тоа ме радува заради тоа што се покажува дека луѓето имаат потреба од прегледи, луѓето се сексуални битија, имаат потреба и од активности врзани со преглед за сексуалното и репродуктивното здравје. Oчекуваме дека интересот ќе биде уште поголем во следните денови, рече Матевска.
Во рамки на Деновите на сексуално и репродуктивно здравје и лица со попреченост утре во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ ХЕРА организира работилница за сексуалност за момчиња и мажи со попреченост, на 26 октомври и 2 ноември во Младинскиот центар „Сакам да знам“-Водно ќе има бесплатни гинеколошки прегледи за девојки и жени во попреченост, на 31 октомври – бесплатни дерматовенеролошки услуги и советувања за момчиња и мажи со попреченост, на 7 ноември во ДХО „Даре Џамбаз“ ќе се одржи работилница за лица со интелектуална попреченост.
Деновите на сексуално и репродуктивно здравје и лица со попреченост ќе завршат на 10 ноември во ДХО „Даре Џамбаз“ со јавна трибина, придружена со филмска проекција.