Во уште три општини децата од ромска националност од семејства во социјален ризик добиваат можност за поголемо вклучување во предучилишното образование. Во програмата „Инклузија на деца Роми во предучилишното образование“ се вклучуваат и општините Неготино, Струмица и Кавадарци, со што престојот на децата во градинките ќе биде ослободен од партиципација, за децата чии семејства се во социјален ризик.
Како што информираат од Кабинетот на дополнителна заменик министерка за труд и социјална политика, над 450 деца Роми се веќе ослободени од плаќање партиципација за посетување на градинка, како резултат на заложбите на Владата и Министерството за системско решавање на ова прашање. Ослободувањето го прават локалните самоуправи врз основа на блок дотaции што ќе ги добијат од Министерството за труд и социјална политика.
Целта, велат оттаму, на ослободувањето од партиципација е еднаква вклученост на сите деца во предучилишното образование, бидејќи раниот детски развој е многу важен за понатамошниот развој и едукација на секој поединец.
Со цел да се обезбеди квалитетeн ран детски развој, изминатите две и пол години континуирано се работеше на јакнење на предучилишното образование. Инвестирано е во вкупно 43 градинки, а истовремено се зголемуваат и професионалните компетенции на воспитувачите, преку различни програми но и со зголемување на платите. Само во текот на минататa година платите на вработените во градинките се зголемени за 26 проценти.