Бејли: Апсурдни се обвинувањата дека САД ја дестабилизираат Македонија

Од:

Американскиот амбасадор Џес Бејли денеска остро ги отфрли обвинувањата дека САД се обидуваат да ја поткопаат стабилноста на Македонија и додаде дека тој и САД го поддржуваат владеењето на правото во земјата.

„Ние во американската амбасадата во Скопје често гледаме приказни во медиумите за теории на заговор и обвинувања дека САД се мешаат во домашните работи во Македонија и преземаат акции за дестабилизирање на земјата. Веруваме дека повеќето граѓани во Македонија, исто како и ние, ја препознаваат апсурдноста на ваквите приказни. Сепак, по неколкуте неодамнешни обвинувања за наши вработени и програми, дозволете ми да појаснам, особено за нашата поддршка за владеењето на правото“, стои во соопштението.

Бејли, исто така, потсети колкава е финансиската помош што САД ја дале во изминатиот период, но и колку лица и од кои сектори се усовршувале со помош на средствата на САД.

„Ние сме многу отворени за нашите програми и ангажман. Во последните 15 години, американската влада помогна со повеќе од 55 милиони долари за развој на капацитетите на македонските судови, судии, обвинители, адвокати на одбраната и на полицијата за тие да го извршуваат својот мандат професионално, транспарентно, ефикасно и со кредибилитет. Повеќе од 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 адвокати на одбраната и повеќе од 2.000 припадници на силите за безбедност имаа корист од овие напори“, вели амбасадорот.

Бејли истакна дека актуелната политичка криза во Македонија поттикнала обвинувања за злоупотреба на власта и за можно криминално однесување, во комбинација со обвинувања за мешање на извршната во судската власт и во работата на обвинителствата. Тој потсети дека лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија се согласиле, а Собранието едногласно го изгласало создавањето на новата независна институција – Канцеларијата на специјалното јавно обвинителство (СЈО).

„Без разлика дали СЈО ќе биде успешно во спроведувањето на непречени, непартиски, како и професионални истраги со целосна поддршка од сите институции, тоа ќе биде вистински тест за владеењето на правото во оваа земја. Со оглед на клучната улога во воспоставување на правна одговорност, САД го поддржуваат СЈО со обука и со помош, исто како што им помагавме на македонскиот судски систем, Јавниот обвинител и на полицијата од независноста на Македонија. Овој ангажман е одраз на нашата длабока посветеност на владеењето на правото за да им помогнеме на луѓето во Македонија да се реши актуелната криза, да се развијат силни демократски институции и да се тргне напред кон членство во Европската Унија и во НАТО. Таа посветеност останува цврста“, вели Бејли.

Би можело да ве интересира

Амбасадорот Бејли на проштална средба со премиерот Заев

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Бејли: Најмногу ќе ми фалат луѓето, најмалку загадениот воздух

Ана Ололовска

Османи до Бејли: Оставивте неизбришлива трага во успехот и напредокот на земјава

Ана Ололовска

Бејли по заминувањето од Скопје во март ќе се пензионира од дипломатската работа

Наум Локоски

(ВИДЕО) Бејли: Македонија донесе историска одлука, САД ја поздравуваат одлуката на пратениците

Наум Локоски

Бејли: Каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница е лажна

Наум Локоски