Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун вечерва во вилата „Билјана“ имаше средба со претставници на Иванов Школа за Лидери Алумни Асоцијација (ИСЛАА). Станува збор за млади, талентирани и амбициозни луѓе кои ја имаат посетувано Школата за млади лидери што под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов се одржува во Охрид.
Бан Ки-мун во оваа прилика се потсети кога уште како млад слушнал за Македонија.
„Уште како млад студент во Кореја учев Македонија. Кога дојдов во САД и во Обединетите нации, повеќето од луѓето ми велеа Мацедониа и оттогаш велев Мацедониа. Оваа вечер претседателот Иванов ме потсети на нешто што одамна го имав научено – Македонија. Но, вие сега велите Macedonia“, рече генералниот секретар на Обединетите нации.
Школата е востановена со цел да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција и културната и религиска диверзификација.
Претседателот Иванов првпат ја иницираше идејата во неговата изборна програма, со визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Во август годинава Школата за млади лидери по третпат во Охрид ќе ги собере најамбициозните млади личности од земјата.