„Единствена Македонија“ денеска одржа прес-конференција на која се обрати Јанко Бачев.
„Денес споделуваме со јавноста скандалозна и шокантна одлука на судот за одбивање на уписот на новиот партиски назив: Единствена Македонија. Образложението на судот е дека во името на партијата се содржел зборот „Македонија“, а тоа според судот не било во согласност со член 16 став 3 од Законот за политичките партии.
Ваквото решение на судот е правно неиздржано и претставува флагрантно кршење на законот. Еве што вели спомнатиот член 16 став 3 од Законот за политичките партии, цитирам: „Името и ознаките на политичката партија не можат во себе да го содржат името, односно ознаките, симболите на Република Македонија, на државните органи, на општините и градот Скопје, на други држави, како и на други државни и меѓународни организации“.
Значи, јасна и недвосмилена законска одредба дека во името на политичките партии не може да се содржи само името на државата – Република Македонија и државните симболи.
Како што гледате, називот Единствена Македонија не го содржи името на државата – Република Македонија, ниту пак државните симболи: грбот, знамето и химната на Република Македонија.
Значи, одлуката на судот е вон секаква човечка и правна логика.
Впрочем, внимавајте добро, одлуката на судот е доставена до подносителот Народно движење за Македонија, во кој назив го има зборот „Македонија„ а со самата одлука се одбива уписот на Единствена Македонија, затоа што се содржел зборот „Македонија“. Значи, невиден апсурд!
Понатаму, внимавајте уште подобро, од 55 регистрирани политички партии, зборот „Македонија„ е составен дел од називот дури кај 21 партија, а кај една партија, последно наведената, во називот го има дури и името на државата-Република Македонија. (Социјалдемократски сојуз на Македонија; Демократски сојуз на Власите од Македонија; Партија на обединети пензионери и граѓани на Македонија; Либерална партија на Македонија; Српска напредна странка во Македонија; Демократска обнова на Македонија; Алијанса за позитивна Македонија; Партија за движење на Турците во Македонија; Српска странка во Македонија; Обединети за Македонија; Социјалистичка партија на Македонија; Демократска партија на Србите во Македонија; Сојуз на Ромите од Македонија, Граѓанска опција за Македонија; Странка на Демократска акција на Македонија; Партија на Власите од Македонија; Партија на обединети демократи на Македонија; Демократска партија на Турците на Македонија; Роми обединети од Македонија; Работничко-земјоделска партија на Република Македонија).
Значи, ист суд, Основниот суд Скопје II Скопје, како надлежен регистарски суд дозволил кај 21 партија во називот да се содржи зборот „Македонија„ а не дозволува зборот „Македонија„ да се содржи во називот на нашата партија Единствена Македонија. Со еден збор, според логиката на правото, судот требаше да изврши упис на Единствена Македонија.
Меѓутоа, дали судот се раководел од друга логика, во моментот нема да се впуштаме во коментари до одлуката на Апелациониот суд по нашата жалба, бидејќи сакаме да веруваме дека се работи за превид од страна на првостепениот суд.
Меѓутоа, ја користам приликата да го повикам македонскиот народ и сите граѓани да бидат спокојни оти Единствена Македонија ќе оди до крај во одбрана на Македонија и Македонците од јасно изразената намера на ЕУ и НАТО да го избришат македонскиот народ.
Единствена Македонија по секоја цена ќе ја оствари намерата на македонскиот народ-сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија, да останеме свои на своето и зачувување на Македонија и Македонците и на сите граѓани на Македонија.
Единствена Македонија го започна овој процес, храбро, решително и во интерес на народот. Ова многу бргу ќе стане реалност оти новите геополитички поместувања на Балканот се навестуваат и тие доаѓаат!“, изјави Јанко Бачев.