Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев денеска упати честитка до Владимир Путин по повод неговата победа на претседателските избори во Русија.
Почитуван претседателе Путин,
– Дозволете ми, од името на Единствена Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Руската Федерација, како и да Ви посакам успех во извршувањето на одговорната функација.
Единствена Македонија придава исклучиво значење на стратегиското партнерство со Русија, а заложбата за неговото остварување претставува посебен интерес за Единствена Македонија, македонскиот народ и поголем дел од малцинствата во Република Македонија.
Вие сте на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и нов поредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од Балканот, вклучително и Република Македонија. Во нашите 27 години независност и сувереност, народот на Македонија е особено благодарен на братскиот народ на Русија за почитување на нашето име, идентитет, јазик, култура територијален интегритет, суверенитет и унитарност.
Истовремено, во нашите 27 години независност, Република Македонија се соочува со неоколонијалната политика на НАТО и ЕУ во содејство со домашните јаничари со изгубено национално чувство. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба стабилност, безбедност и просперитет. За постигнувањето на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија. Единствена Македонија се залага за радикален пресврт во македонската политика што подразбира стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија. За постигнувањето на овие цели посебно значајна е подршката од Русија.
Длабоко сум уверен дека Русија под Вашето лидерство ќе помогне во исполнувањето на овие највисоки стратешки цели на Единствена Македонија и македонскиот народ.
Дозволете да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам за руската подршка за Република Македонија и да изразам верба дека во време на Вашиот мандат Република Македонија ќе го добие историскиот стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија.
Убеден сум дека ќе демонстрирате лидерство во изградбата на подобра иднина на целото човештво, како и лидерство во промоција на принципите и стандардите кои ќе градат соработка и почитување помеѓу нациите.
Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде остварено, за што Ви ја искажувам целосната подготвеност на македонскиот народ и новата легална власт на Единствена Македонија која се навестува и таа доаѓа во Република Македонија. Сакам да ве уверам дека македонскиот народ, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација со која споделуваме заеднички вредности втемелени на традиционализмот, ќе продолжи да ги подржува руските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за национален и религиски идентитет на нациите, правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот.
Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, изразите на моето највисоко почитување – се вели во честитката на претседателот Бачев.