Македонскиот бугараш во моментов министер за надворешни работи Никола Димитров, го изгубил компасот бидејќи безбедноста на Македонија навистина е загрозена од хемиско оружје, но не од Русија туку од друга адреса, поточно од бомбите со ураниум што НАТО ги фрлаше при злосторничката агресија на СР Југославија, а чии последици ги трпиме до ден денес, изјави претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев во врска со протерувањето на рускиот дипломат од Македонија.
Според Бачев оваа одлука на Димитров е преседан во меѓународните односи, како една држава ја користи сопствената дипломатија против сопствените интереси.
За претседателот на Единствена Македонија ова е антимакедонска и антидржавна одлука со што беше навредена интелигенцијата на народот, кажувајќи дека одлуката е поради заштита на безбедноста во Македонија.
– Македонија протерува дипломат на Русија која никогаш не го довела во прашање територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, а од друга страна власта се солидаризира со Велика Британија, која во 1948 година фрлаше напалм бомби врз Македонците во Беломорска Македонија, рече Бачев.
Тој исто така истакна дека Велика Британија се залага за промена на македонското име и идентитет и редефинирање на Македонија по што тврди дека британскиот амбасадор Чарлс Гарет на претседателот Иванов му покажал мапа, каде Република Македонија е кантонизирана.
Според претседателот на Единствена Македонија, рускиот дипломат кој ќе биде протеран од РМ веќе 15 години е во државата и не бил опасен за никој досега.
Бачев истакна дека на наредните избори неговата партија ќе победи и за оваа одлука ќе одговараат надлежните органи и функционери кои патем ги нарече изроди.
По одлуката на МНР да го протера рускиот дипломат од руската амбасада реагираа дека последиците од оваа одлука, за која сметаат дека е провокација, ќе ги сноси македонската страна.
Од друга страна пак амбасадорот на Велика Британија, Гарет ја поздрави оваа одлука на МНР и се заблагодари за солидарноста.
Виктор Јованов