Автоматско оружје, пиштоли и панцири биле донесени на 27 април пред Собранието, обвинението ги открива улогите на организаторите

Од:

Бегалецот Никола Бошковски на 27 април со возило „голф“, кое било сопственост на УБК, во непосредна близина на Градската болница донел автоматско оружје, пиштоли и панцирни елеци, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски го мобилизирале и координирале членството на ВМРО-ДПМНЕ, а експретседателот на Собранието, Трајко Вељановски, спречувал да се избере нов претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство.

Ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, бил задолжен да ги мобилизира членовите на патриотските здруженија, но и за издавање наредба да се извадат хард дисковите од Собранието, каде што биле складирани снимки од насилниот упад. Ова е само дел од обвинението што Обвинителството за организиран криминал го поднесе до Кривичниот суд, а со кое обвинети се Вељановски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски дека плански и со насилство сакале да спречат примопредавање на власта.

Обвинителството за организиран криминал и корупција во обинението за организаторите на крвавиот упад во Собранието наведува дека свесно се намалувало полициското обезбедување на протестите што претходеа пред да се случат инцидентите. На полициските службеници им било наредувано да не реагираат доколку дојде до инциденти.

Бегалецот Никола Груевски, кој не е обвинет бидејќи е недостапен за органите на прогонот, според обвинението им дал насоки на Јанакиески и Ристовски да испраќаат пораки по претседателите на месните комитети за протестот да добие масовност. Наредби за мобилизација на членството од другите градови доаѓале и од Благоја Василевски, кој му беше обезбедување на Груевски, а брат на Александар Василевски-Нинџа.

„Го мобилизирале членството од Скопје и други градови за да извршат во одреден момент насилен упад во Собранието на Република Македонија однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили, дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети“, пишува во обвинението.

Вељановски како претседател на Собранието знаел дека се планира упад во Собранието и бил во постојана комуникација со Груевски кого го известувал што се случува.

„Т. В. (Трајко Вељановски) испратил порака до обвинетиот Н. Г. (Никола Груевски), сега недостапен на органите на прогонот, со содржина: ‘да Ве информирам дека Заев имаше прес во Собранието и процедурално на седница и најави дека мнозинството ќе избере претседател на Собранието. Местото може да е во сала во Собранието, во ходник, на скали, во МАНУ, на Правниот факултет….’, во 16:04:14 часот обвинетиот Н. Г. (Никола Груевски), сега недостапен на органите на прогонот, му испратил порака на обвинетиот Т. В. (Трајко Вељановски) со содржина: „од П. К.: од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Т. (Талат Џафери) денес попладне по 17 часот се спрема избор на Т. (Талат Џафери) за претседател по иницијатива на СДСМ“, стои во обвинението.

Во обвинението, кое во целост е одобрено од Кривичниот суд, пишува и дека по секоја цена требало да се спречи мирно предавање на власта со избор на претседател на Собранието. Митко Чавков давал насоки полицијата да дејствува пасивно, не давал наредби да се ангажираат дополнителни полициски сили за да се спречи насилство и да се направи евакуација.

„Н. Б. (Никола Бошковски) со возило „голф“, сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти Паркот на жената-борец, донел оружје, и тоа автоматско, пиштоли и панцирни елеци, кое требало да им се подели на лицата што протестирале и кои имале искуство со ракување со оружје, па со вака преземените усогласени и поврзани дејства предизвикале чувство на несигурност“, пишува во обвинението.

Обвинителниот акт се темели на наредби за претрес во домови на обвинетите, одземени предмети, вештачење на мобилните телефони, фотографии и видеа, листинзи од мобилните оператори, кои покажуваат со кого разговарале обвинетите пред и за време на крвавите инциденти во Собранието и други докази.

Би можело да ве интересира

Јанакиески бил незаконски притворен и држен во домашен притвор за „Шпански скали“ и 27 април, пресуди судот во Стразбур

Александар Тодески

(ВИДЕО) Го спаси Села во собранието, одлежа шест години затвор: Алими денеска излезе на слобода

А1он

Прва пресуда од Стразбур за 27 април – Божиновска: Сакам правда, не пари

Анита Петровска Рајковиќ

Предметот „Организаторите за 27 април“ вратен во Кривичен суд, рочиштето одложено

Ана Ололовска

Група граѓани пред Собранието побара слобода за обвинетите за 27 април

Ана Ололовска

СДСМ: „27 април“ е најцрниот датум во историјата на македонската демократија