Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос денеска ќе се сретне со претседателот Каролос Папуљас со кого, меѓу другото, ќе разговара и за прашањето за името, јави дописникот на МИА од Атина.
Во официјалното соопштение од грчкото МНР се вели дека на средбата Аврамопулост ќе го информира грчкиот претседател за повеќе прашања од надворешната политика на земјата.
Состанокот на шефот на грчката дипломатија со Папуљас се одржува во услови кога медијаторот Нимиц соопшти дека предложил нови и конкретни идеи за решавање на прашањето за името и откако Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ)ги повика земјите членки да почнат пристапни преговори со Македонија пред крајот на јуни годинава, а европратениците побараа постигнување конечен договор за прашањето за името под покровителство на ОН, без понатамошно одложување.
Дипломатската активност во Атина во врска со името се раздвижува и откако еврокомесарот Филе вчера во Скопје изјави дека Македонија постигна напредок по значајни прашања кои се во согласност со целите на пристапниот дијалог на високо ниво.