Во периодот опфатен со пролетниот извештај на Европската комисија за Македонија, Скопје забележа значајно назадување, изјави грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос во врска со извештајот на ЕК за Македонија.
– Тоа назадување во голем степен се должи на политичката криза, која почна во декември, минатата година. Има криза во функционирањето на демократските институции. Со други зборови, постои демократски дефицит, се вели во изјавата на Аврамопулос што ја објави грчкото МНР.
Шефот на грчката дипломатија вели дека Грција ги истакнала сериозните недостатоци на Скопје во однос на слободата на медиумите и политичкиот плурализам. Според него, „недостасуваат компоненти кои се однесуваат на политичките критериуми од Копенхаген и основни услови за процесот на присоединување“.
– Во врска со добрососедските односи, на сите ни е јасно дека проблемите продолжуваат и се влошија. Не треба и нема да има никакви отстапки од европските критериуми. Пораката на Европа треба да е јасна. Во спротивно, сигурно треба да очекуваме понатамошни негативни случувања.
– И тоа не е во интерес ниту на Европа, ниту на Грција, ниту, се разбира, на нашата соседна земја. Тоа е порака, која мора сите да ја сфатат, се вели во изјавата на Аврамопулос.