АВМУ со нова опрема ги мониторира медиумските содржини

Од:

Со нова опрема Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуски услуги (АВМУ) технички го осовремени системот за снимање, чување и прегледување на програмските содржини емитувани на радијата и телевизиите.

Опремата за мониторинг на медиумските содржини чини 839.608 евра, од кои 75 проценти се финансиска помош од Европската Комисија, а останатите 25 проценти кофинансирање од буџетот на Агенцијата.

Опремата денеска ја пуштија во употреба директорот на АВМУ Зоран Трајчевски и амбасадорот на делегацијата на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар.

– Со опремата се обезбедува постојано 24 часовно снимање на емитуваната програма на радио и телевизиските програмски сервиси за која Агенцијата издава дозволи и снимки во времетраење од најмалку 90 секунди  за секој програмски сервис реемитуван преку мрежата на оператор на јавна комуникациска мрежа најмалку четири пати во текот на еден ден, односно 24 часа, рече Трајчевски.

Со новата опрема се овозможува прием на сигналите на сите радиодифузери на територијата на Македонија, како и сигналите на сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи  во седиштето на Агенцијата. Тоа е овозможено преку трансферот на сигналите, од осумте далечински собирни точки до централната собирна точка која е сместеена во Агенцијата, која воедно е далечинска собирна точка за Скопје.

Со оглед на интеграцијата на државата во ЕУ,  порача Трајчевски, развојот и осовременувањето на регулаторните тела за медиумите треба да биде предизвик и дополнителен мотив за создавање партнерства и меѓусебна доверба со сите засегнати страни во оштеството.

Според Трајчевски, Агенцијата секогаш работела професионално, непристрасно и принципиелно, а така ќе работела и во иднина, без оглед на, како што рече, притисокот што се врши и врз регулаторот и врз вработените.

АВМУ е во фокусот на внимание заради  мониторингот што го врши за предвремените парламентарни избори планирани за 11 декември годинава. Денеска треба да го објави третиот десетдневен извештај од мониторингот, а досега на предлог на Привремената  комисија за следење на медиумското известување се покренати четири  прекршочни постапки пред надлежниот суд.

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека ја охрабрува и оти и дава поддршка на Агенцијата да ја заврши и изврши својата улога како независен и професионален  медиа регулатор за зачувување на медиумскиот  плурализам и слободата на  изразување  во земјата.

Жбогар посочи дека бројни домашни и меѓународни извештаи покажуваат оти медиумската клима во земјава останува силен предизвик, поради што, наведе, потребни се суштествени напори и обврска од сите чинители, првично од политички лидери, со цел да одговорат на правата на граѓаните за слободен и објективен  пристап до информации.

– Ако граѓаните се лишени од слободни медиуми и им се негира правото од избалансирано и доверливо информирање или се експонирани на пристрасно информирање, тоа ја поткопува демократијата и ефективноста на самите иснтитуции и ги оневозможува граѓаните да донесат одлуки базирани врз информации кога ќе дојде време. Секое општество и секоја демократија имаат потреба од проверен механизам,  а независните медиуми се клучен гарант за такво нешто, рече Жбогар посочувајќи дека граѓаните мора да имаат доверба во медиумите, кои пак мора да ги почитуваат професионалните стандарди не само за време на избори, туку постојано.

Со пуштањето во употреба на опремата за мониторинг на медиумските содржини се заокружува проектот ИПА 2011 „Обезбедување  опрема за мониторинг на медиумските содржини што го врши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“.

Би можело да ве интересира

Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарни избори 2024

Орце Костов

АВМУ да ја повлече одлуката и донацијата од 5 милиони денари да ја додели во транспарентна постапка, во која ќе учествуваат повеќе медиуми

Горан Наумовски

Трајчевски: АВМУ го тужи МИОА затоа што ни исплати 80.000 евра помалку од законски предвидените

Орце Костов

Директорот на АВМУ добивал закани поради одбиено барање за одземање дозвола

АВМУ со осуда за вербалните закани упатени кон новинари

АВМУ: Медиумите професионално и етички да известуваат за трагични настани, особено ако се вклучени малолетници

Горан Наумовски