Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан денеска не сакаше да ја коментира средбата меѓу претседателот Стево Пендаровски и вселенскиот патријарх Вартоломеј, што пред неколку дена се одржа во Турција. Прашан која е пораката од оваа средба, г.г. Стефан одговори дека ова прашање треба да му се упати на Претседателот.
-Најдобро него ќе го прашате, не можам да пренесувам нешто што не го знам, рече г.г. Стефан.
Пендаровски се сретна со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во саботата во Истанбул, а според официјалното соопштение, на средбата се разговарало „за состојбите во православниот свет, улогата на Вселенската Патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии“. Пендаровски ја истакнал „важноста на улогата на Вселенскиот Патријарх во поттикнувањето дијалог за сите отворени прашања во православниот свет“.
Архиепископот Стефан вели дека често се среќава со претседателот, но дека по разговорите на Пендаровски и Вартоломеј во Турција, сè уште се немаат сретнато.
Поглаварот на МПЦ-ОА денеска во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип ја промовираше книгата под наслов „Слово за словата“.