Апелацискиот суд во Скопје на својата веб страница ги објави одлуките по жалбите за мерките за претпазливост изречени од Кривичниот суд за обвинетите во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.
Сите жалби на СЈО и на обвинетите се одбиени како неосновани. За обвинетите во случајот „Титаник“, меѓу кои поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, СЈО бараше притвор како мерка за обезбедување присуство и за да се онезвозможи да влијаат на сведоци или на други обвинети.
Обвинетите, пак, на јавните седници во Апелацискиот суд се изјаснија дека не се виновни, оти немаат намера да бегаат и побараа укинување на мерките за претпазливост.
Одбивањето на жалбите од страна на Апелацискиот суд значи дека обвинетите во „Титаник“ остануваат на слобода, но им се одземени пасошите и останува обврската редовно да се јавуваат во судот.
Апелацискиот суд досега ги одби сите поднесени жалби на решенијата на Кривичниот суд во врска со предметите на СЈО.