СДСМ води со 3,3 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од анкетата на Националниот демократски институт, која е спроведена во периодот пред да се одложат изборите.
На прашањето за кого ќе гласате доколку изборите се одржат денеска, 22,9 отсто од анкетираните се определиле за СДСМ, а 19,6 отсто се изјасниле за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ доби поддршка од 7,2 отсто, Алтернатива и Алијансата имаат 5,8 проценти, додека за Беса се определиле 1,7 отсто од анкетираните. Ист процент од 1,7 доби и Левица.
Четириесет и три отсто од испитаниците се изјасниле дека СДСМ треба да го заврши тоа што го почнала, а 47 отсто од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да победи на изборите.
Кај политичките лидери граѓаните одговарале за нивната наклонетост, при што за лидерот на СДСМ Зоран Заев се определиле 44 отсто, додека Христијан Мицкоски има 25 проценти.
Во истражувањето е забележана загриженост на граѓаните за домашните прашања како корупцијата и нивната континуирана поддршка за реформите кои ќе ја приближат земјата до Европската унија.
Во истражувањето исто така е забележано дека граѓаните имаат чувство дека земјата се соочува со недостиг на напредок, такво мислење имаат 74 отсто од етничките Македонци и 57 отсто од Албанците.
Анкетата е спроведена во февруари/март 2020 година пред појавата на падемијата на Ковид-19, пред формализирањето на членството на Северна Македонија во НАТО на 19 март и пред одлуката на 24 март за почеток на преговори со ЕУ, на примерок од 1.212 испитаници, а маргината на грешката е +/- 2,81 проценти.
Осумдесет и два отсто од испитаниците дале поддршка за влез на земјата во Унијата, три од десет испитаници го поддржале Преспанскиот договор, а 58 отсто се согласиле дека Договорот бил неопходен за придвижување на евроатлантските интеграции на Северна Македонија.
-Граѓаните на Северна Македонија бараат од Владата да ја искорени корупцијата и да ги адресира економските предизвици, изјави Роберт Бенџамин, регионален директор на НДИ за Централна и Источна Европа.
Од институциите најголема поддршка добил претседателот на државата – 35 отсто, а најмала доверба граѓаните имаат во правосудниот систем – 12 отсто.