Анима мунди: Полициски час во Македонија – но не и за убијците на животни

Од:

Од „Анима мунди“ со отворено писмо му се обратија на министерот Наќе Чулев, барајќи одговорност за насилството врз животните за време на корона кризата.

Почитуван министре Чулев,
Во време кога речиси цела држава дисциплинирано ги следи мерките и препораките со цел да се заштитиме од последиците на пандемијата од коронавирус, насилниците, убијците на животни си тераат по свое без совест и без страв, убедени дека никој не им може ништо.

Масовно труење на животните во Виница, поточно цели улици со мртви тела од убиени кучиња е слика која ги затекна граѓаните на 22.04., наутро кога завршил полицискиот час.

Нема да навлегуваме сега во нашите убедувања дека е просто неверојатно полицијата да не види, не знае ништо за случаи на насилство, кои се случувале буквално среде улица или среде бел ден, сега кога полициските патроли се распоредени на речиси секој агол; туку бараме веднаш да се пристапи кон истрага и да се најдат и казнат сторителите.

Настрана од споменатите труења, сведоци сме на бројни други случаи на насилство врз животните.

На располагање ги ставаме овие податоци / докази за мачење и изживување врз животнии и бараме итно најстрого да се казнат сторителите кои, и во периодот на вонредна состојба „слободното време“ го користат за измачување на животни, кои благодарение на хумани граѓани и здруженија биле пријавени, но никаков исход нема:

– Лица oд Куманово организираат борби со шарпланинец– го пуштаат на друго куче (хаска) и поттикнуваат да го дави додека кучето жртва е врзано, преплашено, не се брани, а силеџиите се забавуваат и го снимаат делото. Истите го објавуваат видеото на сопствените фејсбук профили, воопшто не се ни кријат, а уште помалку плашат од законот. Случајот е пријавен во полиција на 06.04 но до денешен ден службена реакција нема. Пријавивме и во АХВ и бараме одземање на хаската која на деликвентите им служи како играчка врз која ги стимулираат и учат кучињата за борби.

– Во Пехчево среде бел ден, пред очевидци од кои повеќето молчат од страв, од чиста мира двајца браќа пукаат во локално куче. Кучето во болки и траума едвај успева да избега и, за среќа, е живо. Настанот е пријавен на 08.04, но од полицијата засега абер нема. Сторителите не се санкционирани за делото, шетаат слободни, убедени дека никој не им може ништо.

– Среде бел ден на лица, во време на вонредна состојба лица со стап тепаат ждребе, насилно приморувајќи го да влезе во гепек на возило. Регистрацијата на возилото е : SK 0305 AR и сторителите лесно може да се најдат, идентификуваат, казнат.

Не празни ветувања туку примена на законите и санкционирање на насилниците во пракса, тоа се нашите барања кои ги упатуваме вака јавно, зашто во институционалните лавиринти тие минуваат незабележано. Бараме полиција која ќе постапува; бараме истраги и правни завршници за случаите на насилство врз животните. Бараме да покажете подготвеност и професионалност, бараме насилството најстрого да се казни. Во спротивно нема да престанеме преку медиумите – јавно – да Ве потсетуваме на Вашите ингеренции и целосниот неуспех на работата на полицијата.

со почит,

Активисти на здружението Анима Мунди

Анима Мунди и понатаму ги повикува граѓаните кои имаат сознанија за вакви или слични инциденти да пријавуваат во полиција, да нè контактираат нас или локалните здруженија за заштита на животни, го проследат секој можен доказ кој би помогнал ваквото грозоморие да запре.

Следењето на примерот на граѓаните кои пријавуваат е единствена надеж и шанса во иднина вакви злодела да нема.

Би можело да ве интересира

Група граѓани одржаа протест и марш во Тетово, поради кучето кое угина по пад од зграда

„Анима Мунди“ ги повикува пратениците да ги поддржат измените на Законот за заштита и безбедност на животните

Анима Мунди: Инвеститорот и пожарникари го натерале кучето во Тетово да скокне

А1он

ВИДЕО: Продолжува суровоста во Македонија-куче фрлено од седми кат

Предраг Петровиќ

Анима Мунди: Итно да запре убивањето кучиња во ЈП Лана, Струмица и да се овозможи непречен влез на активистите

„Кучиња се дават во крв додека некој се радува на победа“: Помеѓу Охрид и Струга изграден ринг за борби

A1on